Неколку лица се повредени вчера во сообраќајна несреќа во Талин во која учествувало роботизирано возило за достава.
Локалните медиуми пренесуваат дека малото автономно возило за достава не запрело иако на семафорот било вклучено црвено светло и влегло во крстосницата. За да избегне судир, возачот на автобусот нагло закочил, поради што неколку патници паднале.
Повредени се девет патници, пренесува германската агенција „DPA“.
„Роботот побегна. Се оддалечи од местото на незгодата“, изјавил за локалните медиуми Андреј Новиков, член на одборот на Градското сообраќајно претпријатие во Талин.
Претставникот на компанијата што го произвела роботот, „Starship Technologies“, Пепе Авиксо, изјавил дека контактирале со полицијата и дека е започната внатрешна истрага за да се утврдат околностите на незгодата.
Роботизираните возила на оваа компанија можат да пренесуваат товар до 15 килограми на растојание од пет километри.
Ваквите возила за достава на намирници, оброци или пакети во Естонија се движат целосно самостојно по тротоарите и користат повеќе камери за следење на околината.
Последната пријавена незгода во која учествувале роботизирано возило и автобус се случила во април 2020 година.







