Министерот за здравство Сашо Клековски уверува дека вакцинацијата против сезонски грип забрзува и дека има доволно вакцини за сите пријавени граѓани. Кампањата започна на 14 октомври, и се очекува голем број вакцинации во наредниот период со дополнителни количини вакцини што ќе пристигнат до крајот на ноември.
„Сезоната на грип е најизразена во јануари и февруари. Вакцинацијата спроведена до првата недела од јануари обезбедува навремена заштита. Словенија и Хрватска ќе започнат со вакцинација во ноември – и тоа не е доцна. Вакцини има доволно за сите пријавени, затоа ги молам граѓаните за трпение – секој ќе биде повикан на термин. Исто така, од неделава тимови на здравствените домови вакцинираат во домови за стари лица, а од следната недела и во центрите за дијализа“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.
Според Министерството за здравство, од почетокот на кампањата на 14 октомври, досега се пријавени вкупно 66.821 граѓанин, со просек од 4.455 пријави дневно. Најголем дел од пријавените се лица над 65 години, а следат хроничните болни. Најмногу пријави има во Скопје (19.767), Битола (4.845), Прилеп (3.844), Струмица (3.585) и Тетово (3.581).
Досега, според соопштеното, се закажани 6.710 термини, а вакцинирани се 3.266 граѓани – во последните три работни дена по околу илјада лица дневно.
„Реализацијата на термините што веќе поминале изнесува 86,7%, а 503 граѓани (13,3%) не се појавиле на закажаниот термин.
Ги повикуваме граѓаните што не можат да дојдат навреме да го откажат терминот, за тој да се додели на друг пријавен. Денес ќе започне нова група закажувања, со што бројот ќе се зголеми на околу 1.700 вакцинации дневно.
Денес е склучен договор за дополнителни 26.000 вакцини, од производителот Санофи, кои ќе пристигнат до 15 ноември, или досега вкупно 56.000 вакцини, а најавени се уште 30.000 вакцини до крајот на ноември. Со тоа ќе бидат обезбедени вкупно 86.000 вакцини – најмногу досега, и околу 20.000 повеќе од бројот на моментално пријавени граѓани“.
.












