Левица: Иницијатива за отстранување на трговските бариери за пласман на македонските земјоделски производи на рускиот пазар

Макфакс

28/10/2026

12:34

229

Големина на фонт

а а а

Парламентарната делегација на Левица оствари средба со претставници на Комунистичката партија на Русија во Москва, каде се разгледуваше иницијатива за отстранување на трговските бариери и подобрување на пристапот на македонските земјоделски производи на рускиот пазар.

Македонија и Руската Федерација

беше централната тема на денешната средба на парламентарната делегација на Левица со претставници на Комунистичката партија на РФ во Државната дума во Москва. Приоритет на официјалните разговори беше обновувањето на пристапот до рускиот пазар за македонското овошје, зеленчук и вино, како и олеснувањето на снабдувањето со минерални ѓубрива и други земјоделски репроматеријали.

Парламентарна соработка

На средбата учествуваа пратениците Дмитриј Георгиевич Новиков и Казбек Куцукович Тајсаев од КПРФ, а делегацијата на Левица ја сочинуваа Димитар Апасиев, Реџеп Исмаил – Хактан и Александар Симонов.

Иницијативи за отстранување бариери

Двете делегации договорија да покренат иницијативи преку своите пратенички групи и надлежните парламентарни комисии, со цел да се отпочне институционален процес за отстранување на пречките во билатералната земјоделска трговија. Од руската страна беше изразена подготвеност за соработка и за преземање конкретни чекори во рамките на надлежните државни органи.

Македонските земјоделци ја плаќаат цената на изгубениот пласман, скапите репроматеријали и неизвесниот откуп на реколтите. Последиците од нарушената трговија со Русија се надоврзаа на долгогодишните слабости на домашната владина земјоделска политика, несигурната поддршка и силната зависност на производителите од прекупците и откупувачите, велат од Левица.

Погодени овоштарите и градинарите

Особено погодени,како што додаваат, се овоштарите, за кои рускиот пазар претставуваше значаен купувач.

„Ограничувањето на пласманот на јаболката и другото свежо овошје ги принуди производителите да бараат заменски пазари, да прифаќаат понеповолни услови или дел од родот да го насочуваат кон индустриска преработка. За градинарите, краткиот рок за продажба на сезонскиот свеж зеленчук дополнително го зголемува ризикот од пропаѓање на непродадениот род и ниските откупни цени.

Важноста на пазарот за лозарите и винариите

Отворањето дополнителни можности за извоз на македонското вино е значајно и за винариите и за лозарите, чија егзистенција зависи од сигурниот откуп на грозјето. Истовремено, олеснетото снабдување со минерални ѓубрива може да придонесе за поголем избор при набавката и намалување на притисокот врз производствените трошоци.

Аграрна иницијатива

Нашата аграрна иницијатива предвидува разгледување на конкретните санкциски, административни, платежни, транспортни и фитосанитарни пречки, за надлежните институции од двете држави да пристапат кон нивно решавање. Целта е македонските земјоделци да добијат поширок пристап до пазарите и поповолни услови за производство и продажба“.

Поддршка на Владата

Од Левица очекуваат Владата и надлежните институции да ја поддржат оваа иницијатива која, како што велат, е во национален интерес и да се вклучат во нејзината реализација.

„Обезбедувањето сигурен пласман за домашните производи и услови за одржливо земјоделско производство е прашање на економски интерес и егзистенција на илјадници наши семејства. За тоа се потребни институционална зрелост, државничка одговорност и политичка волја за конкретни постапки во корист на народот“.