Владата формира Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите со цел да ја следи безбедноста на медиумските работници и да изработи Национален акциски план. Планот ќе ги опфати клучните области како превенција, заштита, гонење на сторителите и подигнување на јавната свест.
Владата на денешната седница донела одлука за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, кој ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на медиумските работници и да изработи Национален акциски план најдоцна до 15 декември 2026 година, соопшти владината портпаролка Марија Митева.
Според Митева, со оваа одлука се воспоставува механизам за координација меѓу надлежните државни институции и медиумските организации, со цел спречување закани и напади врз новинарите и обезбедување услови за непречено извршување на нивната работа.
„Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само доколку се случи инцидент, обврската на институциите е да дејствуваат навремено, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита“, изјави Митева.
Националниот акциски план ќе опфати четири области: превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите и промоција и едукација.
Во делот на превенцијата, акцентот ќе биде ставен на медиумскиот плурализам и дијалогот со медиумите, додека заштитата ќе опфати механизми за итна реакција, полициска и правна поддршка, вклучително и заштита од закани во дигиталниот простор.
Планот ќе предвиди и подобра соработка со надлежните органи за навремени истраги и санкционирање на сторителите на напади и закани кон новинарите, како и обуки и активности за подигање на јавната свест за значењето на новинарската професија.
Во Комитетот е предвидено да учествуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и Здружението на новинарите на Македонија.
Комитетот ќе ја поддржи и националната примена на кампањата „Новинарите се важни“ на Советот на Европа.
Митева порача дека институционалната заштита мора да биде еднаква за сите новинари, без селективност, и нагласи дека власта има право да одговори на критиките, но тоа треба да го прави со факти и транспарентност, а не со притисоци.
„Вие имате право да прашувате, ние имаме обврска да одговараме. Вие имате право да ја преиспитувате работата на институциите, ние имаме обврска да ја образложиме“, им порача Митева на новинарите.












