[ВИДЕО] Мециновиќ кон Божиновска: Ветивте ред во енергетскиот систем, но добивме бунар без дно за богатење на сопартијците

Макфакс

26/10/2026

12:40

227

Големина на фонт

а а а

Пратеникот Амар Мециновиќ во Собранието го критикуваше Министерството за енергетика, посочувајќи дека по две години нема решенија за клучните проблеми. Тој го истакна зголемувањето на долговите на ЕСМ, монополот на ЕВН и дозволувањето приватни компании да користат инфраструктура изградена со јавни средства, како и отсуството на долгорочна енергетска политика во енергетскиот сектор.

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, денеска во Собранието го образложи предлогот за интерпелација на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, посочувајќи дека Министерството кое беше формирано со ветување дека ќе стави ред во енергетскиот систем, по две години не понудило решение за ниту еден од неговите клучни проблеми.

Мециновиќ посочи дека политичката одговорност на министерката не може да се сведе на формалните ингеренции на Министерството, туку подразбира предлагање политики, предупредување за системските ризици и координација во рамките на Владата.

Како прв пример го посочи финансиското пропаѓање на ЕСМ. Додека пред две години долговите на државниот производител изнесувале 156,6 милиони евра, во вториот квартал од 2026 година тие достигнале 173,9 милиони евра – зголемување од 17 милиони евра. Дополнително, ЕСМ Дистрибуција должи 35,6 милиони евра.

„Очигледно дека никогаш не била ни намера да се консолидира ЕСМ. Затоа што ЕСМ, ВМРО-ДПМНЕ, како и сите влади претходно, го третираат како еден бунар без дно за богатење на нивните колеги и соработници“, рече Мециновиќ.

Тој посочи дека паралелно со растот на долговите на државниот производител, приватните компании во електроенергетскиот систем остваруваат големи профити.

„Компаниите од групацијата имаат оставено 109 милиони евра добивка во последните две години. Во нашиот електроенергетски систем, сите ризици се преземаат од државните капацитети, додека сите придобивки ги добива директно приватната ЕВН“, истакна Мециновиќ.

Според Мециновиќ, Владата две години не презела ништо за да воспостави одржлив модел на финансирање на ЕСМ, туку државниот производител продолжува да се задолжува.

„Како е можно, две години, да немате никакви буџетски трансфери, никакви инјекции во ЕСМ? Единственото нешто што го правите е ЕСМ понатаму да се задолжува на финансискиот пазар. ЕСМ презема нови долгови без Владата и државата да развијат долгорочен план за финансирање на ЕСМ“, рече пратеникот.

Мециновиќ го отвори и прашањето зошто ЕСМ не е ставен во позиција да конкурира за универзален снабдувач, со оглед дека електричната енергија ја продава по 62 евра за мегават-час, додека на ЕВН му е оставена доминантната позиција во снабдувањето.

„Зошто на ЕВН му се дозволува целосен монопол над нашиот електроенергетски систем?!“, праша Мециновиќ.

Tој ја критикуваше и работата на РКЕ, посочувајќи дека регулаторот не направил суштинска промена во однос на ветувањата дадени пред неговото екипирање со кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, Мециновиќ го посочи и Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш и партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, како пример за политичката поврзаност на регулаторот.

„Повторно ќе кажам, Ацо Ристов, поранешен градоначалник, е партиски функционер на чело на РКЕ. Вие, како ВМРО-ДПМНЕ, министерка за енергетика, ништо не зборувате за јавните институции, за долговите во кои тие тонат преку снабдување со електрична енергија од приватни фирми“, рече Мециновиќ.

Пратеникот посочи дека продолжува и практиката јавните институции да се снабдуваат од приватни снабдувачи на слободниот пазар, наместо државата да го искористи сопствениот производствен капацитет.

„Граѓаните треба да знаат дека продолжува статус квото, каде што државните институции се снабдуваат на слободен пазар од приватни снабдувачи кои се директно во врска со политичката каста во Република Македонија. Ние имаме приватни фирми, министерке, на бивши премиери, кои ги снабдуваат нашите институции“, истакна тој.

Мециновиќ ја обвини Владата и дека дозволува приватни компании да копаат јаглен во РЕК Битола и РЕК Осломеј, иако ЕСМ веќе располага со инфраструктурата за ископ на јаглен.

„Зошто оваа Влада не расчисти со тоа да приватни компании копаат јаглен во РЕК Битола и во РЕК Осломеј? Како тоа ЕСМ, која во јагленокопот и во ископот на Јаловина има поставена основната инфраструктура за ископување на тие суровини, дозволува приватни компании да влезат да копаат таму?“, праша Мециновиќ.

Тој посочи дека на овој начин приватниот капитал го користи системот и инфраструктурата изградени со јавни средства, додека државата го презема ризикот.

„Сега, овие приватни компании, знаете ли што копаат? Копаат од парите на народот, со бесконечна прилика за богатење“, рече Мециновиќ.

Како уште еден пример за отсуството на долгорочна енергетска политика, Мециновиќ го посочи Чебрен и Галиште. Тој оцени дека по две години од мандатот на оваа Влада нема реално поместување во однос на проектот.

„Веќе две години не зборувате за Чебрен и Галиште, две години нема никакво поместување. За две години, повторно, кога ќе дојдеме на избори, вие ќе ветувате исто, бесрамно, иако ништо немате направено за окрупнување на стратешките капацитети и базното производство во Република Македонија“, порача Мециновиќ.

Посочи индека интерпелацијата не се однесува само на работата на една министерка, туку на целокупната енергетска политика на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот однос кон државната сопственост, енергетскиот суверенитет и јавниот интерес.

„Во истиот овој период, ние немаме простор и немаме комфорна позиција министерката за енергетика да се крие зад своите овластувања, додека животот на граѓаните е сè повеќе и повеќе оставен на милост и немилост на пазарните текови“, истакна Мециновиќ.