Дурмиши: Целта на потрошувачката кошница е реална слика за трошоците на граѓаните, а не прикажување пониски бројки

Макфакс

26/10/2026

13:30

158

Големина на фонт

а а а

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека новата методологија за пресметка на потрошувачката кошница има за цел да прикаже реална слика за трошоците на домаќинствата и да обезбеди основа за политики што ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните. Пресметката се темели на податоци од различни извори и опфаќа голем број категории на трошоци.

На денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), социјалните партнери дискутираа за повеќе прашања од значење за работниците, работодавачите и животниот стандард на граѓаните, со посебен акцент на просечната потрошувачка кошница изготвена од Министерството за економија и труд.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека целта на новата методологија за пресметка на потрошувачката кошница е да се обезбеди објективен, транспарентен и статистички заснован приказ на реалните трошоци на домаќинствата, кој ќе претставува основа за креирање квалитетни економски и социјални политики.

„Нашата цел не е да покажеме пониска бројка, туку да обезбедиме проверлива, транспарентна и статистички заснована слика за трошоците на домаќинствата. Податоците треба да ни служат како основа за носење одговорни одлуки и мерки што ќе придонесат за подобрување на животниот стандард и заштита на куповната моќ на граѓаните“, нагласи Дурмиши.

Според податоците на Министерството за економија и труд, просечната потрошувачка кошница за септември 2026 година изнесува 58.117 денари за четиричлено домаќинство, што претставува намалување од 358 денари, односно 0,6 проценти во однос на август. Истовремено, во споредба со јануари годинава, вредноста на кошницата е зголемена за 1.736 денари или 3,1 процент.

Министерот посочи дека овие податоци ја потврдуваат потребата од континуирано следење на ценовните движења, но и од внимателно согледување на притисоците врз семејните буџети.

Во рамки на седницата беше образложена и методологијата за пресметка на потрошувачката кошница, која опфаќа 11 категории на трошоци и 101 прехранбен производ. Пресметката се темели на податоци од Државниот завод за статистика за осум градови, информации за цените на овошјето и зеленчукот од 23 пазари, како и податоци од пет големи и три регионални трговски синџири.

Со ваквиот пристап, Министерството обезбедува поширок опфат на цените и потрошувачката на ниво на целата држава, со цел да се добие порепрезентативна слика за трошоците на домаќинствата, велат од министерството.

Во однос на разликите со другите пресметки на потрошувачката кошница, министерот појасни дека тие произлегуваат од различната структура, опфатот и изворите на податоци. Најизразените разлики се забележуваат кај hranата и пијалаците, облеката и обувките, образованието, домувањето и комуналните трошоци, додека во одредени категории, како одржувањето на домаќинството, рекреацијата и културата, пресметката на Министерството покажува повисоки вредности.

„Различните пресметки не треба да бидат причина за меѓусебно оспорување, туку поттик за конструктивна дискусија и креирање политики засновани на релевантни податоци. Ниту една статистика не може да ја замени реалната грижа за куповната моќ, економската сигурност и достоинствениот живот на граѓаните“, истакна Дурмиши.

Покрај потрошувачката кошница, на седницата на Економско-социјалниот совет беа отворени и прашањата поврзани со неработните денови, работата во недела, можностите за воведување четиридневна работна недела, како и регулирањето на пензискиот стаж.

Министерот нагласи дека сите овие прашања бараат внимателно разгледување, усогласување на различните интереси и активна вклученост на социјалните партнери.

„Економско-социјалниот совет е местото каде што ги слушаме аргументите на синдикатите, работодавачите и институциите. Нашата определба е преку отворен и конструктивен социјален дијалог да доаѓаме до решенија што ќе ги штитат правата на работниците, ќе обезбедат предвидливост за работодавачите и ќе придонесат за подобар животен стандард“, порача министерот Дурмиши.

Министерството за економија и труд останува посветено на унапредување на социјалниот дијалог, транспарентното следење на економските показатели и креирањето одржливи политики насочени кон подобрување на условите за работа и живот на сите граѓани.