Избирачките места во Србија се затворени во 20 часот, а првите прелиминарни резултати од изборите се очекуваат околу 21:15 часот. Резултатите ќе се објавуваат постепено преку системот на Републичката изборна комисија, со цел максимална транспарентност и следење на изборниот процес од страна на јавноста и набљудувачите.
Избирачките места во Србија се затворени во 20 часот, со одредени исклучоци, соопшти претседателот на Републичката изборна комисија (РИК), Владимир Димитријевиќ.
Гласањето ќе продолжи на местата каде што било прекинато подолго од еден час, како и таму каде што во моментот на затворањето пред избирачките места сè уште имало граѓани кои чекале да гласаат. На сите нив ќе им биде овозможено да го остварат своето избирачко право.
Димитријевиќ најави дека првиот обработен записник од избирачко место се очекува околу 21:15 часот, по што прелиминарните официјални резултати ќе почнат постепено да се објавуваат на интернет-страницата на РИК.
„Нема да се чека да бидат обработени сите избирачки места, туку резултатите ќе бидат достапни постепено, како што пристигнуваат податоците, се внесуваат во системот и минуваат низ пропишаната статистичка обработка и логичко-математичка контрола“, објасни тој.
По пребројувањето на гласовите и утврдувањето на резултатите за секоја изборна листа, избирачките одбори ги доставуваат записниците до локалните изборни комисии, каде што тие се скенираат и обработуваат.
Граѓаните ќе можат на интернет-страницата на РИК да ги следат резултатите од секое избирачко место поединечно, веднаш штом податоците бидат внесени и обработени. Резултатите истовремено ќе се прикажуваат и на големите екрани во централната сала на српското Народно собрание, каде што е сместено седиштето на комисијата.
Медиумите и набљудувачите ќе имаат увид во бројот и процентот на обработени избирачки места, како и во резултатите на изборните листи врз основа на дотогаш обработените податоци.
Претседателот на РИК посочи дека изборните листи, благодарение на своите претставници на избирачките места, ќе можат да дојдат до неофицијални податоци за резултатите и пред нивното официјално објавување.
Тој нагласи дека постепеното објавување на резултатите е во согласност и со препораките на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) од 2022 година, со цел да се обезбеди што поголема транспарентност на изборниот процес.
Според последните официјални податоци на РИК, до 18 часот гласале 64,89 отсто од запишаните избирачи во Србија, без Косово.










