Костадиновски: Иднината на уставното судство е во дијалог, а не во натпревар за моќ со Законодавецот

Макфакс

23/10/2026

12:20

211

Големина на фонт

а а а

Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд, говореше на конференција во Приштина за улогата на уставните судови во заштитата на демократијата и важноста на уставниот дијалог како начин за решавање на конфликти меѓу судската и законодавната власт.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, се обрати на меѓународната конференција „Улогата на уставните судови во заштитата на демократијата и демократското функционирање на институциите“, којашто се одржа на 22 октомври 2026 година во Приштина, по повод 17-годишнината од основањето на Уставниот суд на Република Косово. Дел од делегацијата се судиите проф. д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер.

Костадиновски говореше во рамки на втората панел-сесија, на темата „Уставните судови, демократијата и владеењето на правото“, осврнувајќи се на улогата на уставното судство во заштитата на демократските вредности, институционалната рамнотежа и границите на уставносудската контрола. Во фокус на неговото обраќање е судскиот активизам како гарант за заштита на демократските вредности.

Костадиновски го истакна значењето на уставниот дијалог, меѓусебното почитување на надлежностите и аргументираното толкување на Уставот. Тој нагласи дека уставните судови мора да бидат доволно храбри да носат и непопуларни одлуки кога тоа го налага заштитата на уставните вредности, но истовремено и доволно воздржани за да не ја преземат улогата на законодавецот.

„Силен уставен суд не е оној што има најголема моќ, туку оној што има најголем авторитет да ја заштити уставноста“, истакна Костадиновски, посочувајќи на значењето на правната аргументација, доследноста, независноста и довербата во уставното судство.