Пократките денови носат проблем што многумина го занемаруваат: Овој витамин е клучен за здравјето

Точка

23/10/2026

15:05

452

Големина на фонт

а а а

Експертите објаснуваат кои симптоми можат да укажуваат на недостиг на витамин Д и кои намирници можат да помогнат тој да се надомести.

Пократките денови и помалата изложеност на сончева светлина во текот на есента и зимата можат да доведат до намалување на енергијата, полош сон и влошено расположение. Тие можат да предизвикаат и недостиг на витамин Д, кој телото во најголема мера го создава токму благодарение на сончевата светлина.


Диететичарката Лиa Мурнејн вели дека витаминот Д помага во изградбата на цврсти коски, го зајакнува имунолошкиот систем, учествува во регулирањето на хормоните и ги намалува воспалителните процеси во клетките. Овој витамин е особено важен за коските бидејќи му помага на телото да ги апсорбира калциумот и фосфорот од храната, со што со текот на годините се намалува ризикот од скршеници. Ниското ниво на витамин Д се поврзува и со замор, мускулна слабост и влошено расположение.


Мурнејн наведува дека на лицата кои поголемиот дел од денот го поминуваат во затворен простор или во текот на зимата помалку време престојуваат на сонце може да им помогне зголемениот внес на намирници богати со витамин Д. Сепак, дополнителниот внес не им носи корист на оние кои веќе добиваат доволно од овој витамин преку храната, суплементите или изложувањето на сонце. Преголемите количества можат да го зголемат нивото на калциум во крвта и да ги оштетат бубрезите.

Затоа, најдобро е да се советувате со лекар и да направите анализа на крвта. Повеќето здрави возрасни лица немаат потреба редовно да ја повторуваат оваа анализа, но лицата кои имаат остеопороза или проблеми со апсорпцијата на хранливите материи можеби ќе треба почесто да го проверуваат нивото на витамин Д.


Експертите додаваат дека не треба да се изложувате на сонце без заштита само поради витаминот Д, бидејќи изгорениците го зголемуваат ризикот од рак на кожата. Добри извори на овој витамин меѓу намирниците се лососот, скушата, сардините, кравјото млеко, варените јајца, растителните пијалаци и житарките.

Витаминот Д е растворлив во масти, па затоа најдобро се апсорбира кога се внесува со оброк што содржи јаткасти плодови, семки, авокадо или маслиново масло. Прекумерниот внес на витамин Д преку храната тешко може да се постигне.