Нетфликс повторно се навраќа на случајот на Натали Холовеј, 18-годишната девојка која исчезнала во 2005 година за време на матурска екскурзија.
Документарната серија од три дела „Taken: Natalee Holloway“ ќе пристигне на Нетфликс на 4 ноември, а ја продуцира продукциската куќа „Стори Синдикат“ (Story Syndicate), позната по документарецот „Titan: The OceanGate Disaster“, пишува „Холивуд репортер“.
Режисери на серијата се Дани Слоун и Метју Галкин, кои ја опишуваат како најцелосен приказ на случајот што со години го привлекувал вниманието на светската јавност. Приказната е раскажана од перспектива на мајката на Натали, Бет Холовеј.
„Секој кој растел во средината на 2000-тите години не можел да го вклучи телевизорот или да помине покрај киоск, а да не го види лицето на Натали Холовеј. Но, зад непрекинатото медиумско известување и сензационалистичките наслови се крие приказна за неверојатната храброст, посветеност и сила што ги покажала мајката на Натали, Бет, соочена со незамислива загуба. Како мајка и филмска авторка, непоколебливоста на Бет и нејзината посветеност на ќерка ѝ навистина ме инспирираат и исклучително сум горда што можеме да ја споделиме нејзината приказна“, изјавила режисерката Слоун.

Во официјалниот опис на серијата се наведува дека Бет Холовеј за првпат ќе ја раскаже целосната приказна.

„На 31 мај 2005 година, осумнаесетгодишната Натали Холовеј исчезнала за време на матурска екскурзија на Аруба и никогаш не се вратила дома. Следувале години без одговори, потрага по исчезнатата тинејџерка и неуморната борба на една мајка за вистината. Сега, повеќе од 20 години подоцна, мајката на Натали, Бет е подготвена да ја раскаже целосната приказна, со ексклузивен и досега невиден пристап до неа и до луѓето кои биле со Натали во моментот на нејзиното исчезнување. Ова е приказната на Натали, конечно раскажана во целост“, се наведува во описот.

Холанѓанецот Јоран ван дер Слот, со кого Натали последен пат била видена, во 2023 година признал дека ја убил. Признанието го дал во рамки на спогодба за признавање вина во американска судска постапка, во која бил обвинет дека изнудувал пари од Бет Холовеј, нудејќи ѝ информации за тоа каде се наоѓаат посмртните останки на нејзината ќерка.










