Природонаучниот музеј на Македонија одбележува 100 години постоење

Макфакс

22/10/2026

15:30

144

Големина на фонт

а а а

Природонаучниот музеј на Македонија одбележува 100 години од своето основање, со богата историја на научна посветеност, истражување и чување на природното богатство и наследство на земјата. Јубилејот ќе биде одбележан со свечена академија и признанија за соработниците.

Природонаучниот музеј на Македонија одбележува 100 години постоење

Природонаучниот музеј на Македонија на 26 октомври одбележува значаен јубилеј – 100 години постоење, научна посветеност и истражување на природното богатство на земјава. По повод стогодишнината, во Македонскиот народен театар ќе се одржи свечена академија посветена на еден век работа на институцијата која низ децениите прерасна во значаен чувар на природното наследство и негов непроценлив сведок за идните генерации.

На свечената академија ќе бидат доделени плакети на соработници, институции и компании кои оставиле значаен белег во развојот на Музејот, оддавајќи им признание за нивниот придонес во унапредувањето на неговата работа и афирмацијата на природното наследство.

Со околу 400 000 музејски примероци, Музејот чува вредни сведоштва за геолошкото минато, растителниот и животинскиот свет и биолошката разновидност на земјава.

Основан во 1926 година, Музејот ги обединува збирките од областа на геологијата, палеонтологијата, ботаниката, зоологијата и ентомологијата. Зад нивното создавање, збогатување и научно проучување стои посветеноста на генерации научници, кустоси, препаратори и истражувачи, кои придонесле за документирање и зачувување на вредни сведоштва за природата.

Значајно место во работата на Музејот има и едукативната дејност, преку која природните науки им се приближуваат на младите, се поттикнуваат љубопитноста и истражувачкиот дух и се развива свеста за потребата од заштита на природата.

Стогодишниот јубилеј е и можност за нов развоен исчекор на институцијата. Министерството за култура и туризам продолжува да се залага за унапредување на условите за работа и осовременување на музејското искуство. Во таа насока, оваа година на Музејот му е доделен делегиран буџет, со цел да се унапреди неговото функционирање и да се создадат услови богатите збирки и научните сознанија што ги чува да бидат претставени на современ, достапен и привлечен начин, особено за младите генерации.

Со еден век посветеност на науката, истражувањето и образованието, Природонаучниот музеј на Македонија останува важен чувар на природното наследство на земјава и институција што придонесува тоа да се запознава, вреднува и да се зачувува за идните генерации.