Министерството за јавна администрација одржа јавна дискусија за Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), кој има за цел да постави појасна и пофункционална рамка на институциите, нивните надлежности и одговорности, со цел да се подобри функционирањето и одговорноста на државната управа.
Министерството за јавна администрација денеска одржа јавна дискусија за Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), со кој се поставува нова рамка за организацијата, надлежностите и одговорноста на органите на државната управа.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, порача дека државата мора да излезе од моделот во кој институционалната структура е под влијание на дневнополитички договори, создавајќи преклопени надлежности, непотребни административни бариери и нејасна одговорност за резултатите.
„Повеќе од две децении, државната управа се соочуваше со последиците од фрагментирање на институциите и создавање структури без доволно јасно оправдување за нивното постоење. Кога надлежностите се преклопуваат, одговорноста се разлева, а цената на нефункционалниот систем ја плаќаат граѓаните и стопанството. Тоа мора да се промени. Институциите не смеат да бидат инструмент за задоволување партиски или бирократски интереси“ – истакна Минчев.
Во рамки на своето излагање, тој истакна дека со предложеното законско решение се отвора важен процес на уредување на институционалната поставеност на државата, со јасно разграничени функции и правила што ќе овозможат поефикасно спроведување на јавните политики.
„Организацијата на државата мора да произлегува од потребите на граѓаните, функционалноста на институциите и јавниот интерес. Со ЗОРОДУ воспоставуваме основа за систем во кој надлежностите се јасно определени, а институционалната поставеност има своја оправданост и конкретна цел“ – нагласи Минчев.
Нацрт-законот предвидува прецизирање на односите меѓу Владата, министерствата, органите во нивниот состав, самостојните органи на државната управа и управните организации. Се утврдуваат критериуми за основање и функционирање на органите, а за самостојните органи се предвидуваат јавна евиденција и функционален и организациски преглед најмалку еднаш во пет години. Со тоа се создава механизам за периодично преиспитување на институционалната поставеност и нејзината усогласеност со реалните потреби.
„Втората суштинска промена е во начинот на кој ја разбираме институционалната одговорност. Секоја надлежност мора да биде јасно утврдена, секоја институција да има определена функција, а јавните ресурси да се користат одговорно и рационално. На граѓаните им должиме систем во кој постапувањето е предвидливо, законито и професионално“ – истакна министерот.
На отворената јавна дискусија учествуваа претставници на академската заедница, дипломатскиот кор, институциите, граѓанските и синдикалните организации. Преку консултативниот процес, Министерството овозможува стручната јавност и сите заинтересирани страни да ги разгледаат предложените решенија и да придонесат кон нивно унапредување со аргументирани предлози.
Дополнително, Нацрт-законот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со рок од 30 дена за консултации.
















