Четиригодишно дете е најмладиот милионер во Македонија според податоците за остварените приходи во 2025 година, додека највозрасниот милионер има 97 години. Податоците на Управата за јавни приходи (УЈП) откриваат големи разлики во приходите на граѓаните, од дивиденди и високи плати до пензии и други извори на доход.
Според објавените информации, дете на четиригодишна возраст остварило 1 милион денари од дивиденда. Највозрасниот милионер, пак, пријавил доход од 1,089 милиони денари (17,71 милиони евра), од кои 59 проценти биле од пензија, а остатокот од дивиденда.
Во текот на 2025 година биле генерирани околу 863 илјади годишни даночни пријави, што е зголемување од 10,6 проценти во споредба со претходната година. Најголем број пријави имало во Скопје, а по главниот град следуваат Штип, Прилеп, Битола, Тетово и Струмица.

Вкупниот пријавен доход достигнал 612,87 милијарди денари(9,97 милијарди евра), што е за 74,1 милијарда денари повеќе од 2024 година, односно раст од околу 13,8 проценти. Истовремено, пресметаниот данок на личен доход се зголемил за околу 4,86 милијарди денари, на вкупно 39,82 милијарди денари.
Платата надминува 139 милиони денари годишно
Највисоката годишна бруто-плата во 2025 година изнесувала 139,1 милион денари и му била исплатена на лице од Скопје, во дејноста „Вадење на камен јаглен“.
Овој износ одговара на просечна месечна бруто-плата од околу 11,59 милиони денари, односно приближно 188.500 евра. На годишно ниво, станува збор за сума од околу 2,26 милиони евра.
Покрај платите, значителни приходи биле остварени и од други извори. Највисоката пријавена дивиденда изнесувала 252,6 милиони денари, највисоката капитална добивка 164,2 милиони денари, а највисокиот доход од самостојна дејност достигнал 157,9 милиони денари.

Највисокиот вкупен доход е остварен во Гевгелија
Кога се собираат приходите од различни извори, највисокиот вкупен доход во 2025 година изнесувал 257,5 милиони денари и го остварил граѓанин од Гевгелија преку плата, дивиденда и друг доход. На второто место е граѓанин од Охрид со вкупен доход од 254,4 милиони денари.
Меѓу највисоките поединечни исплати на дивиденди се издвојуваат оние реализирани преку компании со седиште во Гевгелија, Охрид и Арачиново.
Податоците на УЈП покажуваат дека платите се најголемиот извор на пријавен доход кај граѓаните во целина, но дека кај највисоките поединечни приходи дивидендите и другите видови доход можат да ги надминат заработките од работен однос.












