Денес градските автомобили со 70 или 80 коњски сили се сметаат за возила со скромна моќност, додека за комфорно возење на автопат се бара барем двојно повеќе. Некогаш ситуацијата на патиштата била сосема поинаква. Возилата биле значително полесни, сообраќајот побавен, а главната цел била да се обезбеди каков било сигурен и достапен превоз.
Овие пет историски автомобили најдобро сведочат колку малку моќност некогаш била доволна за патување. Интересно е што сите заедно развиваат само 55 КС, што е помалку од основен градски модел на денешницата.
Од едносед без рикверц до симбол на семејната моторизација
„Peel P50“ (4,2 КС): Британскиот микроавтомобил од 1962 година влезе во историјата како најмал сериски автомобил во светот, со должина од само 134 сантиметри. Имал три тркала, едно седиште и едноцилиндричен мотор од 49 кубни сантиметри. Благодарение на масата од само 59 килограми, можел да достигне 60 км/ч. Немал степен за возење наназад, туку рачка на задниот дел со која возачот едноставно го подигнувал и го вртел во саканата насока.

„Citroën 2CV“ (9 КС): Прочуениот Спачек беше претставен во 1948 година со воздушно ладен двоцилиндричен мотор од 375 кубни сантиметри, кој развивал само 9 КС. Сепак, нудел четири врати, мека суспензија приспособена за селските патишта и доволно простор за целото семејство, со минимална потрошувачка и брзина до 65 км/ч. Ознаката „2CV“ ја означувала даночната категорија, а не вистинската моќност, а моделот се произведувал сè до 1990 година.

„BMW Isetta“ (12 КС): Денес е незамисливо да се види „BMW“ со мотоциклистички едноцилиндричен мотор од 247 кубни сантиметри, но „Isetta 250“ од 1955 година развивала токму 12 КС и достигнувала 85 км/ч. Имала само една врата, која се отворала заедно со целиот преден дел и воланот. Била спас за купувачите што преминувале од превоз на две тркала во возило со кабина и станала симбол на повоеното закрепнување на Германија.

„Fiat 500“ (13 КС): Првата верзија на моделот „Nuova 500“ од 1957 година имала двоцилиндричен мотор од 479 кубни сантиметри, поставен назад, со 13 КС и максимална брзина од 85 км/ч. Иако на почетокот била скромно опремена, набргу пристигнала варијантата „Normale“ со 15 КС, а овој симпатичен модел станал темел на масовната моторизација на Италија.

„Renault 4CV“ (17 КС): Доказ дека ни вистинска семејна лимузина не морала да биде моќна е моделот „4CV“ од 1947 година. Неговиот четирицилиндричен мотор од 760 кубни сантиметри, поставен назад, развивал 17 КС и овозможувал брзина до 90 км/ч. Имал четири врати, собирал четворица патници и станал првиот француски автомобил продаден во повеќе од еден милион примероци.

Иако барале внимателно планирање на секое претекнување и полн гас на благи нагорнини, овие автомобили на милиони луѓе за првпат им донеле слобода на движење и независност од јавниот превоз.













