Јоаким Хес, 101-годишен претприемач, и натаму работи пет дена во неделата. Откријте ја неговата тајна за виталност и среќа на работното место.
Овој исклучителен човек ја основал својата компанија „Intertec-Hess“ пред 61 година. Оттогаш неговата деловна идеја значително се развила, а денес компанијата вработува 330 луѓе низ светот. Семејниот бизнис е длабоко вткаен во животите на неколку генерации, па во компанијата работи и неговиот син Мартин, кој денес има 69 години.
Сепак, главниот јунак на оваа неверојатна приказна е самиот основач, Јоаким Хес. Иако има 101 година, тој и натаму секојдневно доаѓа на работа. Во пензија можел да замине уште пред 36 години, пишува „Onet“.
„Го обожавам тоа. Чувствувам радост кога ќе погледнам во блескавите очи на моите вработени“, изјавил тој. Неговата компанија за него е како семејство. „Јас сум како стар татко, а моите вработени се мои деца“, нагласува Хес. Силата ја црпи токму од таа заемна почит и блискост. Заминувањето во пензија за него не доаѓа предвид, а долгогодишниот претприемач истакнува дека ќе продолжи да работи сè додека може.

Во што е тајната на неговата виталност на 101 година?
Јоаким Хес смета дека тајната на долгиот живот се крие во умерената и здрава исхрана, но и во секојдневното движење. Секое утро вежба, вози статичен велосипед и крева тегови, а особено значење ѝ придава на уште една навика – смеењето. „Смејте се многу“, порачува тој, бидејќи, како што истакнува, денот без смеа е изгубен ден.
Ваквиот начин на живот го негувал и со својата покојна сопруга Розмери. Покрај редовната физичка активност, си дозволува и кратка дремка во текот на денот, која му помага да се одмори и да продолжи со секојдневните обврски.

И натаму учествува на релија со класични автомобили
Господинот Хес веќе неколку месеци не вози автомобил, иако возачката дозвола ја добил уште во далечната 1945 година. Причината е влошувањето на видот, поради што одлучил да им го препушти воланот на другите.
„Всушност, имам возачка дозвола од 1945 година. Но, видот ми се влоши. Сега претпочитам некој друг да ме вози“, изјавил тој.
Сепак, тоа не значи дека се откажал од својата љубов кон автомобилите. И натаму учествува на релија со класични возила, само што сега е патник, а не возач. Својата нова улога ја прифатил со доза хумор.
„Знаете како велат: возачот е мускулот, но патникот е мозокот.“










