[ВИДЕО] Рама ги обвини странските фактори за немирите во Албанија, апелираше до граѓаните на мир

Макфакс

16/10/2026

18:00

247

Големина на фонт

а а а

Албанскиот премиер Еди Рама денес ги повика граѓаните на мир по неколкудневните насилни антивладини протести и ги обвини странските фактори за поттикнување немири, тврдејќи дека нивната цел е да го спречат пристапувањето на Албанија во Европската Унија.

Рама оцени дека протестите „апсолутно немаат никаква врска“ со тешките услови за живот во Албанија, ниту со легитимната желба на граѓаните да ги подобрат овие услови.

Според него, зад немирите стојат „раце од странство“ кои се обидуваат да ја дестабилизираат земјата и да го загрозат нејзиниот европски пат.

„Сето тоа е дело на истата рака, раката што ја зграпчи албанската опозиција за грлото и што ја гореше и уништи Албанија повеќе од еднаш“, рече Рама во видео објавено на Фејсбук, без да наведе конкретни докази за своите тврдења.

Тој додаде дека тоа се „странски раце кои не сакаат Албанија да живее во мир“.

Еден ден претходно, албанскиот премиер ја обвини домашната опозиција за протестите што се претворија во насилство.

Од вторник во Тирана и други албански градови се одржуваат протести на студенти и средношколци, кои во неколку наврати прераснаа во судири со полицијата.

Демонстрантите бараат оставка од Рама и неговата влада, незадоволни од условите за студирање и високите школарини.

Стотици демонстранти денес се упатија кон центарот на Тирана и зградата на Министерството за образование, но околу пладне ситуацијата во главниот град беше помирна отколку во претходните денови, според репортерот на АФП.

Полицијата објави дека се уапсени 160 лица, а повеќе од десетина лица, вклучувајќи полицајци, се повредени за време на немирите.

Американската амбасада во Албанија ги предупреди граѓаните на САД и нејзините службеници да ги избегнуваат деловите од градот каде што се одржуваат демонстрации, особено плоштадот Скендербег во центарот на Тирана и околните улици, објави Радио-телевизија на Албанија.

Во посебно соопштение, амбасадата предупреди и на безбедносни ризици во Скадар, Драч, Валона, Корча, Кукс и Елбасан, каде што беа регистрирани и протести проследени со немири.

Од крајот на мај, Албанија е потресена и од антивладини протести познати како „Револуција на Фламинго“, започнати поради планираната изградба на луксузен хотелски комплекс во заштитен крајбрежен природен резерват.

Учесниците во тие протести ја обвинуваат владата за корупција и недостаток на транспарентност во врска со проектот зад кој стојат Иванка Трамп, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер.