Пратениците од ВМРО, ЗНАМ и ВЛЕН го одбија предлог-законот за финансиска поддршка на земјоделците кој го предложи СДСМ, оставајќи ги земјоделците без потребните субвенции во услови кога секторот е во криза. Опозициската партија ја обвинува власта за недостаток на грижа и недоволна поддршка кон земјоделците.
Пратениците на ВМРО, ЗНАМ и ВЛЕН, денеска во Собранието го одбија предлог- Законот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата за финансиска поддршка на земјоделците. Гласаа против, застанаа против земјоделците, во услови кога земјоделството е доведено до колапс, реагираат од СДСМ.
„Пратениците од власта одбија поддршка за лозарите и тоа 8 денари за секој килограм произведено и продадено грозје од сортите „Вранец“ и „Кратошија“, а за оние за кои нема да успеат да го продадат грозјето – 300.000 денари по хектар за евидентираните лозови насади.
Одбија поддршка за производителите на пиперка „ајварка“ од 10 денари по килограм продадена пиперка, плус 200.000 денари по хектар за евидентираните засадени површини.
Пратениците од владејачкото мнозинство не гласаа за поддршка од 5 денари по килограм пченица, за 8.000 денари по грло по грло говедо за сточарите и за 10 денари по килограм произведена и продадена оризова арпа“.
Пратеникот од СДСМ, Миле Талески, во образложението на предлог-законот нагласи дека земјоделството е во катастрофална состојба за што директно одговорност има Владата на ВМРО и премиерот Мицкоски кој ги излажа и изигра земјоделците.
„Македонското земјоделство денес се соочува и се наоѓа во катастрофална состојба, состојба за која директна политичка одговорност носи ВМРО и претседателот на Владата Христијан Мицкоски. Ветувавте земјоделска преродба. А донесовте земјоделски пустош. Ветувавте повисоки субвенции, сигурен пласман и подобар живот на земјоделците.Земјоделците бараат сигурни откупни цени, навремени субвенции, исплатливи производствени услуги и држава што ќе застане зад нив. ВМРО не може да зборува за земјоделска преродба истовремено да гледа како земјоделците ги напуштаат нивите“, рече Талески.
Со денешното одбивање на финансиска поддршка за земјоделците, власта уште еднаш покажа дека не и е грижа што земјоделците се во егзистенцијална криза и што во прашање е доведено целокупното земјоделско производство. Нема пари за земјоделците, ама има пари за криминални партиски тендери.
Земјоделството е производство, егзистенција и сигурност за илјадници семејства. СДСМ била и ќе биде на страната на земјоделците ќе продолжи да се бори за нив, затоа што трудот на земјоделецот мора да се вреднува, велат од оваа партија.












