Димовски во посета на компанијата „Гересхајмер“ во ТИРЗ Скопје 2: континуирана комуникација со цел создавање услови за одржлив раст и понатамошен развој

Макфакс

14/10/2026

13:40

154

Големина на фонт

а а а

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, ја посети компанијата „Гересхајмер“ во ТИРЗ Скопје 2 каде оствари средба со менаџментот и разговараа за развојните планови и соработката, со цел поддршка на странските инвестиции и одржлив раст.

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски денес ја посети „Гересхајмер“ во ТИРЗ Скопје 2, каде оствари средба со менаџментот на компанијата, по што следеше и обиколка на производствените капацитети. На средбата се разговараше за тековните активности на компанијата, нејзините развојни планови и можностите за натамошно унапредување на соработката со дирекцијата за ТИРЗ.

Димовски посочи дека компаниите како „Гересхајмер“ имаат значајна улога при позиционирањето на Македонија како атрактивна дестинација за странските директни инвестиции. Тој додаде дека ваквата континуирана комуникација и партнерски однос меѓу дирекцијата за ТИРЗ и сите инвеститори е со цел навремено адресирање на нивните потреби и создавање услови за одржлив раст и понатамошен развој.

Менаџментот на компанијата ги презентираше досегашните активности и резултати, при што беше истакнато задоволство од досегашната соработка со Дирекцијата. Тие ја истакнаа важноста на институционалната поддршка и предвидливата деловна средина што ја нуди ТИРЗ, оценувајќи ја како еден од клучните предуслови за одржување на ефикасноста.

На почетокот на годинава, „Гересхајмер“ започна со производство на медицинско стакло во својот втор производен капацитет.