ДПМНЕ одби клучни амандмани за скандалозните измени на Законот за животната средина, велат од Левица

Макфакс

14/10/2026

10:21

186

Големина на фонт

а а а

Партијата Левица обвинува дека ДПМНЕ одби клучни амандмани за заштита на животната средина во спорниот Закон за животна средина, притоа ставајќи го профитот пред здравјето на граѓаните и дозволувајќи загадувачка индустрија да се проширува без вистински контроли.

„Откако ДПМНЕ го одби барањето на Левица за повлекување од дневен ред на катастрофалниот Закон за животната средина, на седницата на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање беа одбиени клучните амандмани на Левица за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните!“, велат од партијата Левица.

„ДПМНЕ одби да се задржи забраната за реконструкција на тешка и загадувачка индустрија на помалку од пет километри од населени места и заштитени природни подрачја! Со одбивањето на амандманот за бришење на членот 2 од Предлог-законот, власта остава простор постојните индустриски капацитети да се доградуваат, прошируваат и преправаат под превезот на „реконструкција“, и покрај опасноста што ја претставуваат за здравјето на населението.

Левица поднесе амандмани со кои бараше:

– ДА СЕ ЗАДРЖИ ЗАБРАНАТА за реконструкција на Г1-инсталации на растојание помало од пет километри од населени места и заштитени природни подрачја.

– ДА СЕ ГАРАНТИРА УЧЕСТВОТО НА ЈАВНОСТА при одобрувањето на елаборатите за животната средина, со право на јавен увид, доставување забелешки и жалба против одлуките.

– ДА НЕ СЕ СКРАТУВА РОКОТ ЗА ЖАЛБА од 15 на осум дена, со што на граѓаните и еколошките организации им се отежнува оспорувањето на штетни проекти.

– ДА СЕ ОВОЗМОЖАТ СУШТИНСКИ ЈАВНИ КОНСУЛТАЦИИ за студиите за оцена на влијанието врз животната средина, со соодветни рокови и задолжително вклучување на надлежните институции, без нивното молчење да се третира како согласност.

– ДА СЕ ПРОЦЕНУВААТ КУМУЛАТИВНИТЕ ВЛИЈАНИЈА на новите проекти заедно со постојните и планираните капацитети, наместо загадувањето и притисокот врз екосистемите да се разгледуваат изолирано.

– ЈАВНОСТА НАВРЕМЕНО ДА СЕ ИНФОРМИРА за проектите што ја засегаат животната средина, вклучително и преку официјалните профили на институциите на социјалните мрежи.

Единствено беше прифатен амандманот на Левица за бришење на членот 13 од Предлог-законот, со што се спречи укинувањето на законската рамка за санација на еколошките жешки точки.

Наместо да ги зајакне механизмите за заштита на граѓаните, власта ги одби предлозите со кои се бараа построги ограничувања за загадувачката индустрија, поголема транспарентност и реален пристап до правда. Со децении народот ги трпи последиците од загадениот воздух, отровниот отпад и индустриските депонии, додека интересите на крупниот капитал се штитат на негова сметка.

За ДПМНЕ профитот е пред здравјето на народот!“, се наведува во соопштението на партијата Левица.