Пукањето во француското училиште можеби било терористички мотивирано, истрагата открива нови детали

Макфакс

13/10/2026

16:40

223

Големина на фонт

а а а

Француското антитерористичко обвинителство ја презема истрагата за пукањето во училиште во Марсеј. Осомничениот 14-годишен ученик е поврзан со интернет-заедница што велича масовни убиства, а инцидентот се испитува како можен терористички чин со поврзаност со злосторничко здружување.

Француското антитерористичко обвинителство ја презеде истрагата за пукањето во училиште во близина на Марсеј, откако првичните проверки покажале дека 14-годишниот осомничен ученик веројатно бил поврзан со интернет-заедница која велича масовни убиства и екстремно насилство, пренесува Ројтерс.

Инцидентот се случил вчера (12 октомври), кога ученик со ловечка пушка ранил двајца наставници.

Француското антитерористичко обвинителство денеска соопшти дека го презема случајот од обвинителството во Марсеј, поради сомневања за можна терористичка заднина.

„Првичните истраги, вклучително и анализата на електронските уреди на малолетникот, укажуваат на веројатна поврзаност со движењето Тру крајм комјунити (TCC) и сугерираат дека кривичното дело во училиштето било мотивирано од оваа идеологија“, се наведува во соопштението.

Обвинителството го опишува TCC како мрежа од интернет-заедници кои ги величаат извршителите на масовни убиства и на одредени начини поттикнуваат екстремно насилство.

Покрената е истрага за обид за убиство поврзан со терористички потфат, учество во терористичко злосторничко здружување со намера за извршување кривични дела против лица, како и прекршување на законите за оружје поврзано со терористички активности.