Општина Илинден со Инклузивен саем го одбележа Меѓународниот ден на белиот стап

Макфакс

13/10/2026

17:09

202

Големина на фонт

а а а

Општина Илинден организираше Инклузивен саем посветен на Меѓународниот ден на белиот стап, со цел да ја подигне јавната свест за лицата со оштетен вид и да го поттикне нивното вклучување и еднаквите можности во општеството.

Во пресрет на Меѓународниот ден на белиот стап во Општина Илинден се одржа Инклузивен саем под мотото „Допри. Слушни. Почувствувај. Разбери.“ Настанот беше организиран во соработка со ООУ „Гоце Делчев“ и Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ – Скопје, со цел подигнување на јавната свест за лицата со оштетен вид, поттикнување на инклузијата и промовирање на еднаквите можности.

Во рамки на саемот беа поставени тематски штандови, преку кои посетителите имаа можност да се запознаат со Брајовото писмо, тактилните наставни материјали, асистивната технологија, адаптираните игри и спортски активности, како и со значењето на белиот стап како симбол на самостојноста и мобилноста на лицата со оштетен вид.

Градоначалникот Георгиевски, заедно со директорите на двете училишта, ги посети изложбените штандови и се запозна со наставните методи, современите помагала и активностите преку кои се поттикнува самостојноста и активното вклучување на лицата со оштетен вид во секојдневниот живот.

Општина Илинден останува посветена на создавање инклузивна средина во која секој поединец ќе има еднакви можности за образование, развој и активно учество во општеството. Преку соработката со образовните институции и поддршката на ваквите иницијативи, Општината продолжува да придонесува кон подигнување на свеста, надминување на предрасудите и градење заедница заснована на солидарност, разбирање и меѓусебно почитување.