Од бременоста до првите чекори на бебето, секоја нова фаза носи радост, но и многу прашања. Токму затоа, dm drogerie markt, во соработка со Здружението на граѓани за промоција и поддршка на здравјето „Матрона“, организира нова бесплатна едукативна обука во рамки на „Караванот на мајчинството“, која ќе се одржи на 21 октомври 2026 година, од 17:30 до 19:30 часот, во хотел „Оаза“, на ул. „Тошо Арсов“ бр. 32 во Штип.
Учеството е бесплатно, а сите заинтересирани треба да се пријават преку електронската адреса info@matrona.org.mk.
Обуката, на тема „Од бременоста до првите чекори: практични совети за мајката и правилен развој на бебето“, ќе им овозможи на идните и новите родители да слушнат стручни препораки и практични совети од две докторки со долгогодишно искуство во своите области. Како да се подготват за доаѓањето на новиот член во семејството? Што е важно за правилниот развој на бебето и на што треба да обрнат внимание во најраните месеци? Ова се дел од прашањата што ќе бидат во фокусот на едукативната средба.
За грижата за мајката и новороденчето ќе говори прим. д-р Марина Поп Лазарова, неонатолог, додека прим. д-р Иванка Стефановска, ортопед, ќе го насочи вниманието кон правилниот развој на бебето. Преку стручните предавања, присутните ќе добијат можност подобро да се запознаат со важни аспекти од најраниот период на родителството, кога вистинските информации и навремените совети можат да бидат особено значајни. Како дополнителен подарок, сите учесници на обуката ќе добијат и подарок торби со babylove производи и ваучери за 15% попуст за купување производи од babylove во dm продавниците.

Покрај стручниот дел, обуката е замислена и како можност идните и новите родители да се информираат за прашањата што ги придружуваат бременоста, раѓањето и првите развојни фази на детето. Целта е преку разбирливи и применливи препораки да се придонесе кон поголема информираност и сигурност во секојдневната грижа за најмалите.
„Караванот на мајчинството“ е заедничка иницијатива на dm drogerie markt и здружението „Матрона“, која втора година по ред создава простор за едукација и поддршка на идните и новите родители. Преку онлајн обуки и едукативни средби со физичко присуство во различни градови низ земјата, иницијативата опфаќа теми поврзани со бременоста, мајчинството и детскиот развој, со цел стручните информации и практичните совети да бидат подостапни за што поголем број семејства.
По претходните едукативни средби, караванот го продолжува својот пат во Штип, каде што во фокусот ќе бидат здравјето на мајката, грижата за новороденчето и правилниот развој на бебето. Со ваквите активности, dm и „Матрона“ продолжуваат да ја нагласуваат важноста на информираноста, превенцијата и стручната поддршка во периодот кога родителите се соочуваат со бројни нови искуства и одлуки.
Со уште една едукативна средба, „Караванот на мајчинството“ продолжува да ги поврзува родителите со стручните лица и да потсетува дека секој нов чекор во родителството е полесен кога е придружен со знаење, разбирање и поддршка.
















