Американската амбасадорка во Грција обвинета за низа неправилности, Трамп: Не сме задоволни

Макфакс

13/10/2026

08:40

278

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп размислува за разрешување на американската амбасадорка во Грција Кимберли Гилфојл по серија обвинувања за несоодветно и можеби незаконско однесување, што предизвика незадоволство во администрацијата.

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека размислува за разрешување на американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, по серијата медиумски извештаи за нејзиното наводно несоодветно и потенцијално незаконско однесување. Ова беше првпат Трамп лично да ја коментира можноста за нејзино разрешување – тема за која американските медиуми известуваа во текот на викендот.

„Го разгледуваме случајот. Да, не сме задоволни“, им рече Трамп на новинарите денес, кога беше прашан дали размислува за нејзина замена. Тој не прецизираше кога би можела да се донесе одлука, ниту кои конкретни постапки предизвикале негово незадоволство.

Незадоволство во администрацијата

Асошиејтед прес претходно објави дека Трамп и американскиот државен секретар Марко Рубио размислуваат за разрешување на Гилфојл по низата обвинувања поврзани со нејзините постапки, како пред, така и за време на нејзиниот дипломатски мандат во Атина. Висок американски функционер изјави дека и двајцата се крајно незадоволни од нејзиното однесување и дека одлуката би можела да биде донесена оваа недела.

Според „Волстрит журнал“, Гилфојл наводно му се заканувала на грчки функционер, примала несоодветни подароци и нудела пристап до членови на администрацијата на Трамп во замена за финансиски услуги. Меѓу другото, таа наводно побарала 100.000 долари од донатор на Трамп за да го подмири долгот на својата кредитна картичка.

Бројни обвинувања

Медиумските извештаи исто така укажаа на нејзините луксузни патувања со приватни авиони и раскошни забави, како и на поплаките од персоналот на американската амбасада во Атина во врска со нејзиното однесување. Генералниот инспектор на Стејт департментот ги разгледува обвинувањата, иако не е потврдено дека е покрената официјална истрага.

Гилфојл лично не се произнесе за сите наводи, но нејзиниот адвокат ги негира обвинувањата за недолично однесување. Таа е поранешна водителка на „Фокс њуз“ и обвинителка од Калифорнија, а беше и свршеница на најстариот син на Трамп, Доналд Трамп Џуниор.