МВР го идентификуваше мотоциклистот што возеше на едно тркало на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје и возел без возачка дозвола, по што се поднесуваат кривични пријави против него за прекршување на сообраќајните закони.
МВР го откри мотоциклистот што возеше на едно тркало во Скопје
МВР го идентификуваше мотоциклистот кој на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје возел на едно тркало и го загрозувал сообраќајот. Против 37-годишен скопјанец ќе бидат поднесени две кривични пријави, откако во разговор со полицијата признал дека го управувал мотоциклот без возачка дозвола.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека постапиле по видеоснимката објавена на повеќе портали и електронски медиуми на 10 октомври, на која се гледа како мотоцикл „Сузуки“ во повеќе наврати се движи на едно тркало на булеварот, кај крстосницата со улицата „29 Ноември“.
По преземените мерки од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, во соработка со системот „Безбеден град“, било утврдено дека мотоциклот со скопски регистарски ознаки на 3 октомври го управувал А. А. (37) од Скопје.
Полицијата најпрво разговарала со сопственикот и со корисникот на мотоциклот, по што бил повикан и 37-годишникот. Тој потврдил дека на 3 октомври го управувал мотоциклот „Сузуки“ на булеварот „Партизански одреди“ без да поседува возачка дозвола. Посочил и дека објавил неколку видеа на својот профил на Тикток.
За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје. Против А. А. ќе бидат поднесени кривични пријави за „безобѕирно управување со моторно возило“ според член 297-а и за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство“ според член 298 од Кривичниот законик.















