Дурмиши сака да има објективна слика за тоа колку трошат домаќинствата: Новата потрошувачка кошница се темели на реалната потрошувачка на граѓаните и официјалните статистички податоци

Макфакс

09/10/2026

12:50

183

Големина на фонт

а а а

Министерството за економија и труд воведе нова методологија за пресметка на просечната потрошувачка кошница, која се базира на реални податоци и официјални статистики со цел да се обезбеди објективна слика за трошоците на домаќинствата во Северна Македонија.

Министерството за економија и труд воведува нов пристап во следењето на трошоците за живот на граѓаните, преку пресметка на просечната потрошувачка кошница која се темели на официјални статистички податоци, реално остварената потрошувачка на домаќинствата и цените на производите и услугите на пазарот.

На денешниот брифинг со претставниците на медиумите, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ја презентираше новата методологија, нагласувајќи дека целта е да се обезбеди реална, објективна и транспарентна слика за трошоците на домаќинствата во Северна Македонија.

„Нашата цел е јасна – да имаме реална и објективна слика за тоа колку трошат домаќинствата. За разлика од проценките што се прават според посакуваните потреби, нашата методологија се базира на податоци за реално остварената потрошувачка, во согласност со меѓународно прифатените статистички класификации“, истакна министерот Дурмиши.

Просечната потрошувачка кошница опфаќа 11 категории трошоци, меѓу кои храна и пијалоци, домување, транспорт, здравство, образование, облека и обувки, комуникации и други производи и услуги.

При пресметката се користат податоци од Државниот завод за статистика, цените на производите во осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цените на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири.

Според пресметките на Министерството, просечната потрошувачка кошница во август 2026 година изнесува 58.475 денари, што претставува зголемување од само 29 денари во однос на јули. Притоа, трошоците за храна и пијалоци во август се намалени за 255 денари во споредба со претходниот месец.

Во однос на јануари годинава, кога кошницата изнесувала 56.381 денари, во август е повисока за приближно 2.095 денари, односно за 3,7 проценти.

Осврнувајќи се на разликите меѓу пресметката на Министерството и синдикалната минимална кошница, министерот Дурмиши нагласи дека станува збор за два различни пристапи кои не треба директно да се поистоветуваат.

Синдикалната минимална кошница за август изнесува околу 68.676 денари, додека просечната потрошувачка кошница пресметана од Министерството изнесува 58.475 денари.

Дурмиши посочи дека синдикалната методологија се темели на проценети потреби и вклучува трошоци за алкохол, цигари и кирија, додека методологијата на Министерството ја следи реално остварената просечна потрошувачка на домаќинствата.

Во однос на домувањето, Дурмиши се повика на податоците од Пописот во 2021 година, според кои околу 95 проценти од населението живее во сопствен дом.

Разлики постојат и кај трошоците за храна и пијалоци, кои според пресметката на Министерството за август изнесуваат 21.132 денари, додека во синдикалната кошница се проценети на 25.032 денари. Разлики се забележуваат и кај облеката и обувките, образованието, домувањето и комуникациите.

„Ние ги почитуваме синдикатите и нивната улога во заштитата на работничките права. Но, мора јасно да кажеме дека станува збор за две различни методологии. Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска. Нашата цел не е да ги минимизираме трошоците на граѓаните, туку да обезбедиме објективна и транспарентна слика за потрошувачката“, порача Дурмиши.

Тој додаде дека различните пресметки можат да бидат корисни за јавноста, доколку јасно се објасни што покажува секоја од нив и на кои податоци се темели.

„Ова не значи дека ги оспоруваме потребите на граѓаните. Напротив, сметаме дека јавноста треба да располага со повеќе релевантни податоци, но и да знае што точно покажува секоја пресметка“, нагласи министерот.

Министерството за економија и труд и во наредниот период ќе продолжи внимателно да ги следи движењата на цените, особено на основните прехранбени производи, како и да работи на мерки насочени кон заштита на животниот стандард и зајакнување на куповната моќ на граѓаните.

„За нас е важно економските политики да се темелат на факти, а не на претпоставки. Само со точни и транспарентни податоци можеме да креираме политики што одговараат на реалните економски состојби и потребите на граѓаните“, истакна министерот Дурмиши.