Македонската музичка ѕвезда Калиопи откри досега непознат детаљ од својата музичка приказна со Тоше Проески – двајцата планирале да снимат заедничка песна, која, за жал, никогаш не била реализирана и објавена.
Во поткастот „Претрес“, Калиопи раскажа дека идејата за музичката соработка се родила неколку месеци пред трагичната смрт на Тоше, во период кога двајцата музичари веќе размислувале за заеднички проект.
Бидејќи и двајцата имале динамичен распоред и често биле на патувања, нивната комуникација во почетокот се одвивала телефонски. Со текот на времето, разговорите станувале поконкретни, па започнале да ги разгледуваат и деталите за песната што требало да ги спои нивните музички светови.
Сепак, трагичната смрт на Тоше Проески во октомври 2007 година стави крај на многу негови планови, меѓу кои и оваа потенцијална соработка со Калиопи. Песната никогаш не беше објавена, а приказната за неа останува потсетник на музичките моменти што можеле да се случат, но засекогаш останале само неисполенета желба.
За оваа досега необјавена музичка приказна, Калиопи зборуваше во поткастот „Претрес“ кај Кристијан Ландов:
„Ние договаравме песна преку телефон, затоа што патувавме, тој на една страна, јас на друга. И конечно дојде времето кога ние почнавме да разговараме за наша заедничка песна“, раскажа Калиопи.

Пејачката откри и дека го имале подготвено и текстот на песната и дека Тоше бил воодушевен од него:
„Текстот го направивме, го читав, тој беше воодушевен. Сега овде вака ќе направиме, вака...“, се присети Калиопи. „Текстот го спакував, и тој ден кога беше погребот, го ставив во неговиот ковчег. Така да, таа песна си замина. Со него. Нема... нема смисла“, додаде Калиопи.
Калиопи исто така се присети и на огромниот шок што го доживеала по веста за неговата смрт, опишувајќи ја болката како чувство дека го изгубила сопственото дете.

Во разговорот таа се осврна и на споредбите со Тоше и на тенденцијата новите музичари да бидат прогласувани за „новиот Тоше“.
„Тоа е толку погрешно. Ради тие нови таленти што доаѓаат. Тие треба да си бидат тие. Не може никој да биде Тоше. Така да, Тоше, еден и единствен, еден е Владо, едни беа ДНК, еден е Слаткар, една сум јас, еден е Ландов, и тоа мора да се прифати како такво“, заклучи Калиопи.









