Потпретседателот на полскиот парламент ги повика луѓето да се вооружат

Макфакс

08/10/2026

11:35

260

Големина на фонт

а а а

Заменик-претседателот на полскиот Сејм, Кшиштоф Босак, ги повика граѓаните да се вооружат и да бидат подготвени за потенцијални безбедносни закани, истакнувајќи ја важноста од олеснување на прописите за поседување огнено оружје и потребата од обука за ракување со оружје, особено во контекст на опасностите од беспилотни летала.

Заменик-претседателот на полскиот Сејм, Кшиштоф Босак, повика на олеснување на прописите за набавка на огнено оружје, велејќи дека полските граѓани треба да научат да пукаат и да бидат подготвени за потенцијални безбедносни закани, вклучително и оние што Варшава ги поврзува со Русија.

Според агенцијата „Раптли“, Босак проценил дека поголем број вооружени и обучени граѓани би придонеле за одбранбената подготвеност на земјата, особено во светлината на сè почестите предупредувања за опасноста од беспилотни летала.

„Доколку некое лице има соодветно издадена дозвола, може да чува пушка или дури и верзија на автоматска пушка Калашников дома, во соодветно обезбеден сеф“, рече Босак.

Тој верува дека повеќе Полјаци треба да се приклучат на стрелачки клубови, да поминат обука за ракување со оружје и да добијат соодветни дозволи.

Според неговото мислење, познавањето на употребата на лесно огнено оружје би можело да биде важно и во случај на појава на беспилотни летала што летаат на мали височини.

Босак особено го критикуваше ставот кон легалното поседување оружје во Полска, нагласувајќи дека овој феномен не треба да се претставува како нешто необично или опасно самo по себе.

„Не правиме сензација од тоа некој да поседува оружје. Полска е меѓу земјите со најмал број оружје по глава на жител во Европа, и тоа е штета“, рече полскиот политичар.

Босак, еден од водечките претставници на опозициската Конфедерација, претходно ја критикуваше недоволната подготвеност на полската држава за закани од воздушниот простор. Во септември 2025 година, за време на дебатата во Сејмот за упадот на беспилотни летала, тој предупреди на недостатоци во системот за противвоздушна одбрана и заштитата од беспилотни летала.