Во селото Теово, општина Чашка, полицијата приведе тројца лица поради пронаоѓање на огревни дрва без соодветна документација. Дел од дрвата биле обележани со службен чекан од ЈП „Национални Шуми“ Велес, а случајот е пријавен и на јавен обвинител.
Вчера во 15:10 часот во село Теово, општина Чашка, полициски службеници од Полициското одделение Чашка и Отсекот за економски криминал при СВР Велес ги лишија од слобода Б.Н.(53) од село Лисиче, општина Чашка, С.К.(33) од село Горно Врановци, општина Чашка и 57-годишната Б.К. од Велес.
При контрола на терен, кај место викано „Присој“, атар на село Теово, било затекнато товарно возило „ман“ со велешки регистарски ознаки, натоварено со огревни дрва, од кои дел биле без жиг, а дел со жиг. Б.Н. и С.К. не поседувале соодветна документација, а дрвата кои биле со жиг биле обележани со службен „чекан“ кој им го дала Б.К., вработена во ЈП „Национални Шуми“, подружница „Бабуна“ Велес.
Известен бил јавен обвинител, дрвата и останати предмети биле одземени и по целосно расчистување и документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.








