Министерката за енергетика Сања Божиновска присуствуваше на вториот министерски самит во Белград каде се разговараше за зголемување на сигурноста на снабдувањето, развој на гасниот коридор и регионална соработка во енергетскиот сектор.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствува на Вториот министерски самит на Србија, Македонија, Грција и Бугарија, кој се одржува во Белград.
Во фокусот на самитот се сигурноста на снабдувањето, развојот на Вертикалниот гасен коридор, пристапот до LNG капацитетите преку Александруполи, диверзификацијата на изворите и правците на снабдување, како и унапредувањето на регионалната соработка во електроенергетиката.
Самитот следува по првата министерска средба во Атина во мај и го продолжува дијалогот за заеднички регионален пристап кон енергетската сигурност и отпорноста на системите.
Во македонската делегација се и директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауноски, како и претставници на НОМАГАС.
Во рамки на посетата, министерката Божиновска ќе оствари и билатерална средба со бугарскиот министер за енергетика, со фокус на понатамошното унапредување и проширување на веќе воспоставената соработка.








