За време на Париската модна недела, колекцијата за следната пролет и лето ја претставил и најпопуларниот француски спортски бренд „Lacoste“ (Лакост).
На автентично место, централниот терен на Ролан Гарос, околу кој се издигале бранови од црвена земја, потсетувајќи на наследството на основачот на модната куќа, се појавиле и многу познати лица: тениските ѕвезди Венус Вилијамс и Григор Димитров, оскаровецот Ејдријен Броди, но најголемо внимание привлекла секогаш атрактивната Ума Турман.
Тоа била совршена сценографија за ѕвездата на франшизата „Kill Bill“ (Убиј го Бил). Главната протагонистка и онака изгледа како вчера да излегла од оној жолт костим, подготвена за нови авантури на бестрашната Невеста. Како да не поминале 23 години од големиот хит на Тарантино.
Ума Турман (56) внимателно следела што се случувало на импровизираната модна писта среде теренот на кој вообичаено се играат тениски мечеви, а друштво ѝ правел нејзиниот млад колега Тејлор Захар Перез, кој го игра нејзиниот син во филмот „Red, White & Royal Blue“.
Актерката со манекенска фигура и висина од 1,81 метар ги засенила останатите познати имиња и без проблем можела да им се придружи на манекенките кои ги претставиле новите модели од колекцијата „Нет Позитив“. И самата избрала комбинација што претставува впечатлив спој на елеганцијата на совршено скроените парчиња и класичното спортско наследство на францускиот бренд.


Монохроматскиот оверсајз стајлинг – интересен спој на антрацитно сива боја и нијанса на жалфија – го сочинувале костимот во машки стил, со поширок крој, без строги линии и непотребни детали и долг тренч-мантил со опуштена силуета.

Одличниот изглед го надополнила со фризурата – долгата руса коса ѝ паѓала преку рамениците, како и со белите чевли, кои внеле мал контраст во целокупната комбинација.

Со софистицираната интерпретација на препознатливата спортска естетика на модната куќа, која го спојува „preppy“ концептот со естетиката на тивкиот луксуз, Турман уште еднаш била на висина на задачата.











