Речиси 700.000 жени низ Велика Британија ќе бидат поканети да учествуваат во најголемото истражување во светот за тоа како вештачката интелигенција може да помогне во скринингот за рак на дојка.
Вештачката интелигенција ќе се користи за анализа на мамографските снимки за да се утврди дали може да го подобри раното откривање на ракот и да го намали оптоварувањето на медицинскиот персонал, без притоа да доведе до непотребно поставување дијагнози кај жените.
Вклучувањето учеснички во истражувањето наречено „EDITH“ веќе започна во Универзитетските болници во Кембриџ, првата од 30 здравствени установи низ Велика Британија што ќе учествуваат во студијата.
Жените на возраст од 50 до 71 година во Велика Британија се повикуваат на редовни превентивни прегледи на дојките на секои три години, а годишно на прегледите се одзиваат повеќе од два милиона жени.
Во моментов секоја рендгенска снимка на дојката, позната како мамограм, ја анализираат двајца експерти од британската Национална здравствена служба („NHS“), но во текот на истражувањето еден од нив ќе биде заменет со вештачка интелигенција.
Неколку помали студии веќе покажаа дека вештачката интелигенција може да ја зголеми стапката на откривање рак на дојка, но истражувачите што ја водат оваа студија истакнуваат дека мора да бидат сигурни оти таа нема да предизвика штета со непотребно повикување на жените на дополнителни прегледи.
Шан Тејлор-Филипс, професорка по здравје на населението на Универзитетот Ворик и една од главните истражувачки, изјави:
„Технологијата заснована на вештачка интелигенција би можела да го подобри раното откривање на ракот, но сакаме да избегнеме прекумерно дијагностицирање поблаги форми на болеста што никогаш не би предизвикале симптоми.“

Ракот на дојка е најчестиот облик на рак кај жените во Велика Британија, каде што годишно се дијагностицираат околу 59.000 случаи.
Околу една третина од тие случаи се откриваат при редовните мамографски прегледи, главно во рана фаза, кога болеста може полесно да се лекува.
Се проценува дека програмата за скрининг годишно помага да се спречат околу 1.300 смртни случаи.
Професорката Фиона Гилберт од Одделот за радиологија на Универзитетот во Кембриџ, лекарка консултантка во болницата Аденбрукс и една од главните истражувачки, изјави:
„Милиони жени секоја година прават мамографски преглед, а само мал дел од нив, помалку од еден отсто, ќе имаат рак.“
Потоа додаде дека „технологијата може да ја направи анализата на овие снимки поефикасна, овозможувајќи им на радиолозите специјализирани за болести на дојката да им посветат повеќе време на пациентките заболени од рак, со што се овозможуваат побрзо поставување дијагноза и порано започнување на лекувањето“.
Гилберт за „BBC“ изјави дека постои „огромен недостиг“ од радиолози, како и дека бројот на дијагностички снимања се зголемува за осум отсто годишно.

„Скринингот ми го спаси животот“
На Ширли Есекс (70) од Кембриџшир пред една година ѝ бил дијагностициран рак на дојка во рана фаза, по редовен превентивен преглед.
Била подложена на операција и радиотерапија, но не ѝ била потребна хемотерапија.
За „BBC“ изјави дека мамографијата ѝ го спасила животот.
„Бев вчудовидена кога ми кажаа дека имам рак, бидејќи немав никакви симптоми.“
Ширли не учествува во истражувањето, но силно ја застапува важноста на превентивните прегледи.
„Се чувствувам многу среќна што мојот рак беше откриен навреме. Тоа беше мојата последна редовна мамографија, па доколку не отидев на преглед, ракот ќе продолжеше да расте“, изјави таа.

Како ќе се спроведува истражувањето?
Жените ќе бидат информирани за истражувањето кога ќе добијат покана за редовен превентивен преглед на дојките, но нема да бидат обврзани да учествуваат.
Истражувањето нема да го промени начинот на кој се изведува самиот преглед на дојките.
Наместо тоа, ќе се испитува дали алатките засновани на вештачка интелигенција би можеле да заменат еден од двајцата стручњаци што ги анализираат мамографските снимки.
Истражувачите наведуваат дека софтверот заснован на машинско учење може да се обучи со милиони претходно направени снимки за да препознава одредени обрасци и потенцијално да открива суптилни промени во ткивото на дојката што човечкото око можеби не би ги забележало.
Во еден дел од истражувањето програмата за вештачка интелигенција ќе ги проценува снимките пред да им бидат проследени на стручњаците од „NHS“. Во другиот дел ќе ги анализира по стручниот преглед.
Истражувањето вредно 10 милиони фунти го финансира Националниот институт за истражувања во здравството и здравствената нега („NIHR“).
Го предводат Универзитетот Ворик, Универзитетот во Кембриџ и Универзитетските болници во Кембриџ, во соработка со Националната здравствена служба на Англија.

„Огромен потенцијал“
За време на посетата на одделот за скрининг за рак на дојка во болницата Аденбрукс, министерката за здравство Ивет Купер за „BBC“ изјави:
„Вештачката интелигенција има огромен потенцијал за подобрување на лекувањето, поради што ни се потребни вакви истражувања за да бидеме сигурни дека ја користиме на најефикасен начин, со соодветни заштитни мерки.“
Професорот Питер Џонсон, национален клинички директор за онкологија во Националната здравствена служба на Англија, изјави дека скринингот за рак на дојка „спасува животи“ и ги повика сите жени што ќе добијат покана за учество во истражувањето да одговорат.
„Секоја снимка и понатаму ќе ја прегледува стручњак, а доколку технологијата се покаже ефикасна, би можела да им овозможи на жените порано да ја добијат потребната дијагноза и да започнат со лекување“, изјави тој.
Во истражувањето учествуваат четири компании што се занимаваат со вештачка интелигенција, а се очекува тоа да трае околу три години.











