[ВИДЕО/ФОТО] Продолжуваат протестите на средношколците во Франција, на ученик му е разнесена дланката: Пред пратениците предлог-закон, демонстрантите ќе мора да ја платат штетата?

Точка

05/10/2026

15:21

326

Големина на фонт

а а а

На петнаесетгодишен ученик кој протестирал поради запуштените училишта и недостигот од наставен кадар во Франција денес му била разнесена дланката во северниот град Ланс, откако подигнал шок-граната што полицијата ја испукала за време на интервенцијата, изјави пред новинарите локалниот функционер Франсоа-Ксавие Ло, пренесува „France 24“.

Весникот „La Voix du Nord“ пренесе дека Ло изјавил оти е покрената истрага за инцидентот.

Извор од полицискиот синдикат изјавил за агенцијата „AFP“ дека ученикот, според сè, подигнал граната со гумени топчиња што ја испукала полицијата за разбивање демонстрации, веројатно со намера да ја фрли назад, но направата експлодирала во неговата рака.

Протестното движење на средношколците, кое во текот на изминатата недела се прошири низ цела Франција, не покажува знаци на смирување.

Протести избувнаа во повеќе од 1.200 средни училишта, а уапсени се повеќе од 5.000 луѓе – од кои повеќето се малолетници.

Учениците се бесни поради, како што наведуваат, хроничниот недостиг од средства за државните училишта. Нивното незадоволство дополнително го засилија обвинувањата дека државните средства се распределуваат неправедно, при што побогатите области, претежно населени со бело население, историски добивале најголем дел од средствата.

Францускиот министер за високо образование и истражување Филип Батист денес изјави дека околу 40 високообразовни установи ќе имаат нарушувања во работата поради бранот протести на средношколците низ целата земја.

„Околу 40 високообразовни установи денес се соочуваат со нарушувања во работата“, изјави Батист за радиото „Sud Radio“.

Во врска со „насилниците кои се инфилтрираат во движењето, а кои во најголем дел се исклучително насилни“, Батист рече дека „силите на редот покажале голема воздржаност и пропорционалност во постапувањето кон ова жестоко движење во кое се вклучени малолетници“.

Министерот оцени дека радикално левичарската партија Непокорна Франција „долеала масло на огнот и се обидува да ја преземе контролата врз движењето“.

Батист смета дека оваа партија сноси голема одговорност за движењето и насилството што ги придружува блокадите, насилство кое тој го опиша како – гнасно, пренесува „Beta“.

Наставата прекината во 400 до 500 училишта

Ерик Фасен, социолог и професор на Универзитетот Париз VIII, вели дека овие ученички протести пред сè ги гледа како барање за еднаквост, достоинство и признание.

Учениците од предградијата во кои претежно живее работничката класа бараат основни услови што овозможуваат нормално школување и, на крајот, исти можности какви што имаат учениците во другите делови од земјата.

До 500 училишта низ Франција денес се целосно или делумно затворени поради бранот ученички протести што ја потресоа земјата, соопшти министерот за образование.

Наставата ќе биде „целосно или делумно прекината“ во околу „400 до 500“ средни училишта бидејќи „не се исполнети безбедносните услови“, изјави во неделата министерот за образование Едуар Жефре. Тој додаде дека од почетокот на протестите 24 училишта биле „запалени или ограбени“.


Демонстрантите ќе бидат обврзани да ја платат штетата

Пратениците во францускиот Сенат на 27 октомври ќе гласаат за нов предлог-закон со кој демонстрантите би биле обврзани да ја надоместат штетата настаната за време на протестите.

Според предложениот закон, од поединец би можело да се бара да ја надомести штетата дури и без доказ дека токму тој ја предизвикал.

Паричната казна би била ограничена на 10.000 евра.