Американскиот претседател Доналд Трамп повторно привлече внимание со изјава за своето знаење за инфлацијата и економијата, говорејќи на предизборен митинг во Алабама во пресрет на изборите за Конгресот.
Зборувајќи за економските проблеми и зголемените трошоци за живот, Трамп пред присутните изјави дека знае повеќе за инфлацијата, но и за сите други теми, од кој било човек во светот.
„Знам повеќе за инфлацијата, знам повеќе за сè од кој било во оваа сала. Било кој, било каде во светот“, рече Трамп.
Потоа покажа кон една жена во публиката, која ја опиша како домаќинка со природен инстинкт за бизнис.
„Можеби таа знае повеќе од мене, но всушност не мислам така“, додаде Трамп.
Trump: "I know more about inflation, I know more about everything than anybody in this room. Anybody anywhere in the world. Well, there's a woman sitting right over there. She's a housewife but she's very good. She got a natural instinct for business. She perhaps knows more than I do but I actually don't think so."
— Aaron Rupar (@atrupar) October 4, 2026
Ваквите изјави се вклопуваат во неговиот долгогодишен стил на јавни настапи, во кои тој и претходно тврдел дека има поголемо знаење од експерти и високи функционери за различни теми, вклучително и тероризмот, технологијата и енергетиката.
Во јавноста во САД во последниот период се појавија и дискусии за настапите на Трамп, особено по објавувањето на целосниот транскрипт од неговото 75-минутно интервју за магазинот „Тајм“.
Во интервјуто, според анализите објавени во американските медиуми, Трамп дал низа збунувачки и неповрзани одговори на прашања за домашната и надворешната политика.
Во еден дел од разговорот, според објавениот транскрипт, тој мешал различни градови и голф-турнири, а зборувајќи за војните и состојбата во Газа, преминувал меѓу различни теми.
Неговите последни изјави повторно предизвикаа внимание во американската јавност, во услови кога Трамп како претседател носи одлуки што имаат последици и надвор од САД.












