[ВИДЕО/ФОТО] Одекнаа експлозии: Пет проектили паднаа во Молдавија, Русите ги негираат обвинувањата: „Москва мора да биде запрена“

Точка

03/10/2026

12:32

417

Големина на фонт

а а а

„Руската војна против Украина и натаму претставува конкретна закана за нашата земја и за безбедноста на целиот регион“, соопшти молдавското Министерство за надворешни работи.

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, во саботата изјави дека пет руски проектили, меѓу кои имало ракети „Banderol“ и дронови, го нарушиле воздушниот простор на земјата и експлодирале на нејзина територија, јавува „Anadolu“.

Санду предупреди дека руските напади врз соседна Украина претставуваат сè поголема закана за Молдавија. „Руските напади врз Украина опасно се приближуваат до Молдавија“, напиша Санду на социјалната мрежа „X“.

„Москва ги загрозува животите низ Европа и мора да биде запрена“, додаде таа.

Молдавското Министерство за надворешни работи во одделно соопштение остро го осуди нарушувањето на молдавскиот воздушен простор. Според Министерството, остатоци од дронови биле пронајдени надвор од Каушени, во близина на селото Дубовка, меѓу населените места Делакау и Пухачени, како и во близина на Крокмаз. 

Во инцидентот кај Крокмаз избувнал пожар на ниска вегетација, а била регистрирана и материјална штета.

„Руската војна против Украина и натаму претставува конкретна закана за нашата земја и за безбедноста на целиот регион“, соопшти молдавското Министерство за надворешни работи. Москва засега јавно не ги коментирала најновите обвинувања на молдавските власти. 

За еден ден три дронови влегле во молдавскиот воздушен простор

Молдавското Министерство за надворешни работи во четвртокот го повикало рускиот амбасадор во Кишињев за да му врачи протестна нота, откако три дронови во еден ден го нарушиле молдавскиот воздушен простор.

Министерството тогаш соопштило дека два дрона паднале и експлодирале на територијата на Молдавија. Според нивните наводи, во последните седум дена воздушниот простор на земјата бил нарушен вкупно осум пати. 

Рускиот амбасадор во Молдавија, Олег Озеров, ги отфрлил обвинувањата и изјавил дека Кишињев ги игнорира предлозите на Москва за заедничка истрага на инцидентите во кои дронови паднале на територијата на Молдавија.

„Доста ни е од неосновани обвинувања“, изјавил Озеров по посетата на молдавското Министерство за надворешни работи. „Не добивме никакви докази дека дронот е од руско потекло“, додал тој. 

Во последните месеци сè повеќе европски земји протестираа поради наводни упади на руски дронови во нивниот воздушен простор. Москва во повеќе наврати ги отфрли ваквите обвинувања. Најновите инциденти дополнително ја зголемија загриженоста во Молдавија поради можното прелевање на последиците од војната во соседна Украина на нејзина територија.