Мисајловски: Секоја генерација треба да знае за хероите кои го дадоа животот за Македонија

Макфакс

03/10/2026

13:00

162

Големина на фонт

а а а

Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека секоја генерација треба да знае и да ги слави хероите кои го дадоа животот за Македонија, при што нагласи значењето на спортските настани во одржувањето на споменот на загинатите бранители во периодот од 2001 до 2015 година.

„Да пренесеме порака до младите дека овие луѓе треба да се слават и секоја генерација треба да знае за хероите што го дале животот за Македонија. Тоа се хероите на државата“, истакна денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски на отворањето на Централниот меморијален турнир во мал фудбал, посветен на загинатите бранители од 2001 до 2015 година.

Пред членовите на семејствата на загинатите и фудбалските екипи, Мисајловски порача дека ваквите немили настани не треба да се повторат, но дека преку спортот и заедничките активности се гради споменот за оние кои ги загубиле животите.

„Сме имале немили настани, да не се повторат, но затоа со вакви спортски игри, меѓународни активности што ги имаме и во Министерството сакаме да покажеме и да придонесеме дека со различни спортски дисциплини, со фер-плеј и со една заедничка стратегија сите генерации да се сплотат во оваа енергија и во оваа прилика да покажеме кон целиот македонски народ, кон сите, дека овие херои не се заборавени“, рече Мисајловски.

Министерот нагласи дека секој припадник на безбедносните институции кој ја носи униформата има значајна улога за државата.

„Сакам во мое лично име да се заблагодарам на сите оние што ја носат униформата, секој еден ден, без разлика на локацијата, настанот, вежбата или акцијата, и тоа го прават заради Македонија. Го почитувам тоа што го правите и верувајте дека Министерството за одбрана, БЈБ и МВР секогаш ќе бидат тука“, рече Мисајловски.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, истакна дека турнирот се одржува со цел да се зачува споменот на бранителите кои ги загубиле животите.

Јанев сподели дека во 2001 година и самиот загубил другар и колеги со кои делел училишни клупи.

„Нашата обврска, еве и јас од мое лично име како прв човек на БЈБ, е да имаме уште поголема и подлабока мотивација да го негуваме споменот на нив, за животите што ги положија. Знам дека посебно е најтешко за семејствата и дека ниту еден збор, ниту една традиција или симболичен момент не може да ја ублажи вашата болка. Меѓутоа, исто така знам дека ние даваме сè од себе како институции кои загубиле свои припадници и луѓе кои ги положиле своите животи. Сме правеле и ќе правиме и во иднина сè повеќе за вас, за да може таа болка да биде што е можно помала и да знаете дека не сте сами“, рече Јанев пред членовите на семејствата на загинатите бранители.

Покровител на турнирот е Министерството за внатрешни работи, а тој се организира во соработка со Министерството за одбрана, Бирото за јавна безбедност и здруженијата на загинатите бранители.