Песков: Нуклеарното оружје во близина на руските граници води директно до ескалација

Макфакс

01/10/2026

17:00

150

Големина на фонт

а а а

„Земјите што сакаат да распоредат нуклеарно оружје во близина на руските граници се длабоко во заблуда ако веруваат дека тоа ќе им донесе поголема безбедност“, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој рече дека, напротив, тоа ќе биде инструмент што дополнително ќе доведе до ескалација и раст на тензиите, објави Спутник.

Песков истакна дека Русија, во согласност со своето законодавство, ќе ја обезбеди безбедноста на регионот Калининград, кој е составен дел од Руската Федерација.

Во исто време, тој рече дека неодамнешните изјави за подготвеноста на Русија да го заштити регионот Калининград не треба да се толкуваат како конфронтациски.

„Кога сфатија дека НАТО предводено од Соединетите Американски Држави повеќе не може целосно да ја гарантира нивната безбедност, Европа, наместо да бара начини за деескалација, одлучи да создаде свој безбедносен идентитет“, рече Песков.

Руската амбасада во Белгија ги предупреди НАТО и белгиското Министерство за надворешни работи дека активностите на Алијансата околу регионот Калининград и зголемувањето на тензиите го зголемуваат ризикот од директен вооружен конфликт, наведувајќи дека Москва е подготвена да го искористи целиот расположлив арсенал за да ја заштити својата територија.

Песков истакна дека сè за што зборуваше рускиот претседател Владимир Путин на Минхенската безбедносна конференција во 2007 година се покажа како вистина.

Песков изјави дека говорот на Путин потоа бил погрешно протолкуван како конфронтациски, иако рускиот претседател, како што рече, зборувал за отвореност за дијалог и предупредил на растечките противречности и предуслови за конфронтација.

Во Минхен во 2007 година, Путин ја критикуваше надворешната политика на САД и концептот на униполарен светски поредок, и се спротивстави на проширувањето на НАТО и плановите за распоредување елементи на американската противракетна одбрана во Источна Европа.