Вештак на одбраната: На „Пулс“ биле извршени занаетчиски работи, а не реконструкција – родителите дофрлаа, па беа отстранети од судница

A1ON.MK

01/10/2026

17:00

359

Големина на фонт

а а а

На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ сведочеше вештото лице и технички советник од областа на градежништвото Петре Русевски, предложен од првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на дискотеката, кој изјави дека закупецот на просторот не презел градежни активности што би можеле да се квалификуваат како реконструкција на објектот, туку извршил градежно-занаетчиски зафати и ентериерно уредување за потребите на дејноста.

На оваа изјава реагираа родителите на загинатите нарекувајќи го првообвинетиот дека е убиец, по што судот побара дел од родителите да ја напуштат судницата.

Вештакот рече дека објектот е изграден врз проектот на техничката документација според одобрението, а ентериерното уредување е изведено врз основа на техничката документација од друштвото Венци проект. Во однос на материјалите за изградба на објектот рече дека се употребувани армиран бетон, челични носачи, керамички блокови, кровниот покривач со санолитни плочи, односно стандардни материјали.


Одговарајќи на прашање од одбраната дали објектот во пожарот претставувал опасност за соседните објекти, Русевски изјави дека, од аспект на градежната конструкција и фактичката состојба на објектот, не постоела опасност од проширување на пожарот.

-Во смисла на градежништвото и фактичката состојба на објектот како градежна конструкција, а имајќи предвид дека добил одобрение за градба, сметам дека не претставувал опасност за околните објекти – истакна вештакот.

По кратко време, откако родителите на загинатите во пожарот повторно се вратија во судницата, рочиштето беше прекинато бидејќи Јованов побара лекарска помош, по што Судечкиот совет го прекина судењето.

Судијата Дијана Груевска-Илиевска повикувајќи се на информациите добиени од лекарскиот тим кој го прегледал обвинетиот, соопшти дека Јованов се пожалил на болки во грбот, кои се поврзани со претходни операции на ‘рбетот, но и на нелагодност и болка во градите.


Според кажаното во судницата, бил извршен ЕКГ-преглед при што не биле констатирани знаци на акутна состојба, но не била исклучена можноста за понатамошно влошување на здравствената состојба.

Судијата информираше дека лекарот препорачал опсервација и дополнителни прегледи доколку обвинетиот продолжи да се жали на тегобите или доколку состојбата се влоши.

-Во овој момент ќе го прекинеме судењето, ќе го вратат во притвор, а доколку продолжи да се жали, разговарано е и со директорот на затворот во Куманово и ќе биде однесен на дополнителни испитувања и кардиолошки прегледи во Куманово – појасни судијата Груевска-Илиевска.