Подгответе ги пуканките: Овие 10 серии на Нетфликс се идеални за викендов

Точка

01/10/2026

17:45

586

Големина на фонт

а а а

Ако викендов планирате да го поминете дома, Нетфликс нуди одличен избор на серии за секој вкус – од напнати криминалистички драми и мистерии, до романтични приказни, комедии и акциони хитови.

Издвоивме 10 наслови кои се идеални за викенд-маратон и кои лесно можат да ви го задржат вниманието од првата до последната епизода.

1. „Outer Banks“

Петтата и последна сезона повторно ги следи Погс во нова авантура исполнета со опасности, тајни и потрага по богатство.

Според Нетфликс, последната сезона носи некои од најопасните ситуации досега – бури на море, борби, експлозии и ризични потери – па затоа е добар избор за оние кои сакаат серија што лесно може да се изгледа во викенд-маратон.

2. „Monster: The Lizzie Borden Story“

 „Monster: The Lizzie Borden Story“ е четвртото продолжение од антологискиот серијал „Monster“ на Рајан Марфи и Ијан Бренан.

Овојпат во центарот на приказната е Лизи Борден, жената од Масачусетс која во 1892 година била обвинета за бруталното убиство на својот татко и маќеа со секира. Случајот останал еден од најпознатите и најконтроверзните во американската криминална историја.

3. „The Gentlemen“

Криминалистичката серија на Гај Ричи е одличен избор за оние кои сакаат британски хумор, гангстери и брзо темпо. Втората сезона во септември беше меѓу најгледаните серии на Нетфликс на глобално ниво.

4. „Graveyard“

Турска криминалистичка серија во која специјален полициски тим истражува тешки случаи на насилство врз жени. Ако сакате мрачни полициски приказни и сериозни истраги, ова е една од подобрите опции.

5. „Emily in Paris“

Досега се објавени пет сезони, а последната достапна сезона ја носи Емили и надвор од Париз, вклучувајќи ја и Италија.

Во нејзиниот љубовен живот повторно има многу пресврти – особено околу односите со Габриел и Марчело – додека нејзината најдобра пријателка Минди исто така се соочува со важни одлуки во љубовта и кариерата. Со кратки епизоди, впечатливи модни комбинации, романтични заплети и прекрасни европски локации, „Emily in Paris“ е лесна серија за гледање и добар избор за оние кои сакаат нешто опуштено за викенд-маратон.

6. „Beauty in Black“

 „Beauty in Black“ е драмска серија на Тајлер Пери која навлегува во светот на богатството, семејната моќ, предавствата и опасните тајни. Во центарот на приказната се Кими, која на почетокот работи како танчерка во клуб, и Мелори, жена која е дел од моќното семејство Белари и нивната успешна империја за производи за убавина.

Иако доаѓаат од сосема различни светови, нивните судбини постепено се испреплетуваат. Во третата сезона, Кими веќе има многу поголема моќ и влијание. Таа е сопруга на Хорас и оперативен директор во компанијата „Beauty in Black“, но новата позиција носи и нови опасности, а третата сезона неодамна се најде меѓу најгледаните Нетфликс серии во светот.

7. „I Will Find You“

Лимитирана мистериозна серија според роман на Харлан Кобен. Главниот лик е татко осуден за убиството на својот син, кој подоцна добива причина да верува дека детето можеби е живо. Серијата има формат погоден за викенд-маратон и претходно беше број еден на глобално ниво.

8. „Lupin“

Француската хит-серија со Омар Си е добра опција за љубителите на мистерии, измами и интелигентни пресврти. Нетфликс ја најавува четвртата сезона за есента 2026 година, па сега е добар момент да ги изгледате претходните сезони или да се потсетите на приказната.

9. „The Diplomat“

Политички трилер со многу дипломатски интриги, лични конфликти и меѓународни кризи. Серијата се издвојува по тоа што политичките интриги ги комбинира со сложени лични односи.

Со три сезони што веќе се достапни,„The Diplomat“ е одличен избор за викенд-маратон, особено ако сакате серии со брзи дијалози, политички игри, шпионски елементи и неочекувани пресврти.

10. „One Hundred Years of Solitude“

One Hundred Years of Solitude“ е амбициозна колумбиска адаптација на истоимениот роман на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес.

Серијата ја следи судбината на семејството Буендија низ повеќе генерации, во измисленото место Макондо – свет во кој секојдневната реалност постојано се испреплетува со магични и необјасниви настани. Серијата има вкупно 16 епизоди поделени во два дела. Првите осум епизоди ја поставуваат приказната за Макондо и првите генерации на семејството Буендија, додека вториот и последен дел, објавен во август 2026 година, ја носи приказната до нејзиниот крај. Последната епизода беше објавена на 26 август 2026 година, па целата серија сега може да се гледа од почеток до краj.