Рајски остров се претворил во „мала Русија“, масовно се купуваат недвижности, сè е на кирилица: „Војската не е за мене“

Точка

30/09/2026

18:21

958

Големина на фонт

а а а

Во центарот на војната меѓу Украина и Русија неочекувано се најде тајландскиот остров Пукет, каде што масовно се населуваат Руси.

Во продавниците може да се купат традиционални руски производи, во рестораните да се јадат руски јадења, а рекламите за салони за нокти и адвокатски фирми се напишани на кирилица. Постојат и руски училишта, па дури и весници на руски јазик, додека островот со авиолинии е директно поврзан со Русија.


Според репортажата на „Дејли мејл“ Русите го населуваат островот и купуваат недвижности најчесто од иста причина – за да ја избегнат војната со која, во крајна линија, не се согласуваат, или за да избегаат од репресијата и западните санкции. Се проценува дека најмалку 60 илјади Руси се доселиле на островот, кој има вкупно повеќе од 430 илјади жители. Најголем број туристи исто така пристигнуваат токму од Русија – само во првите седум месеци од оваа година ги имало околу 620 илјади.

Сега повторно пристигнуваат на островот по завршувањето на тридневните парламентарни избори, бидејќи стравуваат дека претседателот Владимир Путин би можел да нареди нова мобилизација.


Новинарот на британскиот весник Ијан Бирел прошетал низ островот и запознал неколку Руси кои му ја потврдиле приказната.

„Не ја разбирам смислата на оваа војна во Украина. Ниту еден мој пријател не ја поддржува ниту сака да војува. Ќе останам овде до крајот на војната“, му рекол еден млад човек кој пристигнал на Пукет една недела претходно поради загриженост дека Путин би можел да го испрати во војна.


Тој пишува дека, според извештаите, само оваа година биле убиени или ранети 300 илјади Руси.

„Сите сме загрижени поради војната. Секој ден се слуша ’бум, бум, бум‘ додека се уништуваат дронови или ракети. Сакам ова наскоро да заврши. Јас сум руски државјанин и ја сакам Русија – но не, не го сакам мојот лидер“, му рекол друг маж кој избегал од воена служба.


Тој објаснил дека ќе ги донесе сопругата и децата и дека веќе купил недвижности во градот.

„Сега немам работа. Но, како и многу луѓе во Русија, се плашам дека ќе има нова мобилизација. Низ цела Русија луѓето многу се плашат од тоа. Војската не е за мене. Не можам да пукам и да убивам луѓе“, истакнал тој.

Се наведува и дека иселениците почнале да пристигнуваат на островот уште по распадот на Советскиот Сојуз, кога биле воведени и чартер-летови.


„До 2009 година, американска дипломатска депеша го предупредувала Вашингтон за присуството на руски мрежи на организиран криминал во Тајланд“, наведува Бирел.

Сепак, порастот на доселувањето дошол со конфликтите – најпрво во 2014 година, а потоа и по инвазијата во 2022 година.

Тајланд, пак, има неутрален став кон војната, а за емигрантите претставува подобра и поевтина опција во споредба со други дестинации. Најчесто се населуваат во Банг Тао и Чалонг, додека локалните жители на шега велат дека градовите се претвораат во „мала Русија“.

Фото: Дејли мејл, Њујорк тајмс