Левица: Патриотите од ДПМНЕ го оставија Македониум да пропаѓа, го распродаваат македонското културно наследство

Макфакс

29/09/2026

12:20

136

Големина на фонт

а а а

Левица реагира најостро на користењето на споменикот Македониум за музички спотови, нагласувајќи дека овој меморијален комплекс е национално културно наследство кое е оставено да пропаѓа без соодветна конзервација и финансиска поддршка од државата.

„Деновиве се појави спот на косовскиот рапер DON XHONI, снимен во внатрешноста на споменикот „Македониум“ во Крушево“, истакнуваат од Левица.

Секторот за култура на Левица, додаваат од партијата, најостро реагира на ваквото користење на Македониумот, бидејќи, како што велат, станува збор за меморијален комплекс посветен на Илинденското востание и Народноослободителната борба, во чија внатрешност се наоѓа гробот на Никола Карев и капиталното ликовно наследство на Борко Лазески и Петар Мазев.

„Македониумот е еден од најзначајните симболи на македонската историска меморија, националната слобода и непокорот и не може да биде третиран како било која комерцијална локација што се изнајмува на оној што ќе понуди пари.

Ова се случува во момент кога самиот Македониум е оставен да пропаѓа. Во јули годинава, Националниот конзерваторски центар констатираше бројни оштетувања на металната конструкција и витражите на Борко Лазески и утврди потреба од итни конзерваторски мерки, по што Македониумот е прогласен за културно добро во опасност. Значи, државата нема обезбедено услови за соодветно одржување и конзервација на еден од најзначајните македонски меморијални комплекси, но има услови истиот тој простор да се користи за странски комерцијални продукции.

Ова не може да се гледа одвоено од начинот на кој Владата ја води културната политика“.

Културата, нагласуваат од Левица, со години се осиромашува, институциите се оставаат без доволно средства за одржување, конзервација, опрема и програми, а потоа се очекува самите да бараат начини како да преживеат.

„Кога државата нема обезбедено пари за заштита на културното наследство, а институциите имаат потреба од средства за основно функционирање, просторот со кој располагаат станува извор на приход: се изнајмуваат објекти, се отстапуваат простории и се бара кој било начин да се крпи буџетот.
На тој начин, наместо државата да го финансира културното наследство како јавно добро, самото наследство се претвора во средство за заработка. Македониумот е доведен во состојба на културно добро во опасност, а наместо итна државна интервенција, неговата внатрешност станува локација што може да се наплати за комерцијално снимање.

И не е случајно што културата се најде во ваква состојба. За министер на ресор кој треба да го штити македонското културно наследство е поставен Сулејмани – кадар чија професионална биографија не произлегува од сериозна кариера во културните институции, туку од педагошко-теолошко образование, административни функции и партиско-политички ангажмани.

Иронијата е уште поголема ако се има предвид дека токму ДПМНЕ се претставуваат како најголеми патриоти и заштитници на македонската историја, култура и идентитет. Ама не се брани Илинден со тоа што Македониумот ќе биде оставен без соодветна конзервација, а потоа ќе се изнајмува за мафијашки музички спотови“.

Од Левица порачуваат, доколку Владата навистина го смета Македониумот за национално наследство од првостепено значење, тогаш нека го финансира неговото одржување и заштита, наместо неговата состојба да биде таква што културното наследство мора само да си го финансира сопственото преживување.

„Левица бара: Да се објави кој го одобрил снимањето во Македониумот; Да се објави врз основа на која процедура и по кои критериуми е дозволено снимањето; Да се објави договорот и финансискиот надомест за користење на Македониумот; Да се објави за што ќе бидат употребени средствата добиени од снимањето; Да се утврди дали се почитувани сите услови за заштита на културното наследство; Да се утврди одговорност доколку при снимањето е загрозено или оштетено културното доб