Се приближува катастрофа кон Мексико; засолништата се подготвени, ураганот ќе удри денес

Макфакс

28/09/2026

08:30

239

Големина на фонт

а а а

Се очекува ураганот „Поло“ денес да го погоди Мексико, носејќи силни ветрови и обилни врнежи, со опасност од поплави и структурни штети. Засолништата се подготвени, а властите веќе превземаат мерки за заштита на населението.

Според локалните метеоролошки служби, се очекува ураганот „Поло“ денес да го погоди Мексико, носејќи обилни врнежи и силни ветрови.

Се предвидува дека ураганот ќе ја погоди мексиканската држава Јужна Долна Калифорнија, која е популарна туристичка дестинација, пренесува Ројтерс.

Се очекуваат ветрови со брзина од 100 до 130 километри на час и обилни врнежи од дожд.

Метеоролошката служба AccuWeather соопшти дека се очекува ураганот постепено да ослабне пред да стигне до копното, но сепак би можел да собори дрвја и да оштети далноводи, како и да предизвика структурни штети.

Обилните врнежи, високите бранови и силните ветрови веќе доведоа до евакуации, затворање на пристаништа и прекин на наставата долж мексиканскиот брег на Тихиот Океан.

Две малолетни лица загинаа, а нивните родители се водат како исчезнати откако поројна вода им го однесе домот во државата Халиско, на пацифичкиот брег на земјата, соопштија државните служби за цивилна заштита и противпожарните служби.

Во одморалиштето Сан Хозе дел Кабо, властите го ограничија пристапот до плажите бидејќи невремето предизвика големи и опасни бранови.

Се предвидува дека „Поло“ ќе донесе меѓу 10 и 20 сантиметри дожд во Долна Калифорнија, а до 30 сантиметри во Јужна Долна Калифорнија, со што се зголемува ризикот од поплави и лизгање на земјиштето кои претставуваат опасност по животот. Мексиканската морнарица и Министерството за одбрана распоредија околу 7.000 припадници на теренот и отворија 169 објекти кои ќе служат како привремени засолништа.