[ВИДЕО] Илјадници протестираа во Мадрид против политиката на Владата кон мигрантите во Сеута

Макфакс

26/09/2026

14:10

197

Големина на фонт

а а а

Илјадници луѓе со шпански знамиња денеска се собраа во центарот на Мадрид на протест против начинот на кој левичарската Влада на премиерот Педро Санчез се справува со ситуацијата во шпанската енклава Сеута во Северна Африка.

Демонстрантите, собрани на иницијатива на конзервативната платформа „Sociedad Civil Española“ под мотото „За достоинството и одбраната на Шпанија“, побараа оставка од Санчез и распишување предвремени избори. На протестот присуствуваа и лидерите на опозициските десничарски партии Народна партија (ПП) и Вокс.

Лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал, ја критикуваше Владата за нејзината политика кон Сеута.

– Сеута сè уште е окупирана затоа што Санчез сè уште е марокански слуга – изјави Абаскал, по што беше пречекан со аплауз и извици „Претседателе, претседателе!“.

Абаскал изјави дека неговата партија учествува на протестот заедно со граѓанското општество.

Протестот се одржа во период на засилена политичка и јавна дебата за состојбата во Сеута, каде што сè уште има голем број мигранти кои пристигнаа во градот за време на масовниот прилив кон крајот на јули.

Околу 8.300 мигранти се сместени во различни прифатни центри во Сеута, додека се проценува дека околу 4.000 и натаму престојуваат на улиците и плажите.

Демонстрантите се упатија кон Триумфалната капија, која се наоѓа во близина на зградата на Владата.

На почетокот на септември, за време на официјалниот Ден на Сеута, илјадници луѓе протестираа на повеќе места низ Шпанија во знак на поддршка на локалното население.