Министерката за образование Весна Јаневска се огласи по обвиненијата од специјализантот Дарко Василевски за нефер и дискриминаторска постапка при вработување на Медицинскиот факултет во Скопје, кој најави штрајк со глад за правична и транспарентна селекција.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека е запознаена со случајот на лекарот и приватен специјализант Дарко Василевски, кој обвини за нетранспарентна постапка и дискриминација поради возраста при вработување на Медицинскиот факултет во Скопје и најави штрајк со глад.
Јаневска денеска изјави дека, според информациите што ги добила, станува збор за постапка за вработување, а не за избор во звање, поради што Министерството за образование и наука нема надлежност.
„Да, веќе сум запознаена. Така како што сум запознаена, ако се точни информациите што сум ги добила, станува збор за вработување, а не за избор во звање. Јас јавно побарав да се достави претставка до ДПИ, но и доколку станува збор за избор во звање, ДПИ ќе постапува. Во однос на вработувањето на специјалисти на Медицинскиот факултет, Министерството нема ингеренции“, рече Јаневска.
Василевски претходно во отворено писмо до Министерството за здравство, Деканатот на Медицинскиот факултет и МОН наведе дека по третпат бил одбиен на јавен оглас за вработување и изрази сомнеж дека постапката не била спроведена транспарентно и со еднаков третман на сите кандидати.
Тој обвинува и дека бил дискриминиран поради неговата возраст, нагласувајќи дека годишната возраст не е критериум за вработување.
„Годишната возраст не е критериум за вработување, туку основ за дискриминација! Јавниот оглас за вработување треба да биде гаранција за еднакви можности, изборот треба да биде транспарентен, објективен и заснован на знаење, стручност, искуство и исполнување на условите“, напиша Василевски.
Станува збор за јавниот оглас 01/2026 за вработување двајца доктори по медицина на неопределено време во Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија при Медицинскиот факултет во Скопје, објавен на 31 август годинава.
Василевски наведува дека како лекар и приватен специјализант со години вложува сопствени средства во образование и професионално усовршување и дека очекувал на јавниот оглас да има еднаква можност да ги претстави своите квалитети.
Според него, известувањето за примените кандидати било испратено по електронска пошта, без правна поука и без образложение врз основа на кои критериуми биле избрани примените кандидати.
Тој вели дека не бара привилегии, туку еднаква можност, фер постапка, вреднување на трудот и долгогодишното образование, работа и усовршување, како и транспарентна постапка во која знаењето, стручноста и професионалното искуство ќе бидат критериуми за избор.
„Јавноста има право да знае како и врз основа на кои критериуми е донесена одлуката“, порача Василевски, барајќи јасен и транспарентен процес на селекција во кој предност ќе имаат стручноста, компетентноста и професионалните достигнувања, а не други критериуми кои не се јасно наведени во огласот.
Како крајна форма на мирен граѓански протест, тој најави и штрајк со глад со цел, како што наведе, неговото барање за правична и транспарентна постапка да биде слушнато.
















