Пристигнуваат нови евра, а гласањето на веб-страницата на Европската централна банка за изгледот на банкнотите заврши. Европската централна банка сакаше да го слушне и мислењето на граѓаните на Европската Унија.
Два различни мотива, десет понудени дизајни: пристигнуваат нови банкноти на еврото, но тоа, секако, не поминува без критики, бидејќи – зошто да се избере овој мотив, а не некој друг …
„Deutsche Welle“ (DW) наведува дека при создавањето на првите банкноти на еврото намерата била да се прикажат архитектонски стилови од антиката до денешно време, но всушност ниту една од зградите прикажани на банкнотите – не постои никаде.
Во Европа има и повеќе од доволно познати градби од сите тие периоди, а изборот на една наместо друга непотребно би предизвикал негодување во некоја друга земја.

Еден од предлозите за новите банкноти на еврото оди во сосема поинаква насока: на нив се прикажани познати Европејци.
Банкнотата од пет евра ја краси пејачката Марија Калас, на банкнотата од десет евра е прикажан композиторот Лудвиг ван Бетовен, додека физичарката Марија Кири се наоѓа на банкнотата од дваесет евра.
Писателот Мигел де Сервантес би требало да се најде на банкнотата од 50 евра, ренесансниот уметник Леонардо да Винчи на 100 евра, но тешко дека многумина ќе ја препознаат писателката и мировна активистка Берта фон Зутнер на банкнотата од 200 евра.

Како воопшто да се изберат само шест Европејци?
Тоа всушност е огромен проблем: како и зошто се избрани токму овие шест Европејки и Европејци?
Секоја чест за сите нив, но зошто Бетовен, а не Моцарт?
Зошто Сервантес, а не Гете или Балзак?

Каде се тука Коперник или Галилеј?
Дали Марија Калас е поважна од Аристотел – ако веќе се бара некој од Грција?
Втората серија предлози за мотиви содржи птици.
На банкнотата од 5 евра е прикажана ѕидната лазачка, на банкнотата од 10 евра водомар, а на онаа од 20 евра пчеларка.

Единствената птица што можеби на прв поглед ќе ја препознаат повеќе Европејци се наоѓа на банкнотата од 50 евра – бел штрк, но потоа повторно следуваат птици познати само на сериозните љубители: на банкнотата од 100 евра е сабјарка или авоцета, а на најголемиот апоен од 200 евра атлантска ганета.
Тука проблемот не се само птиците што денешното, сè поурбано население на Европската Унија воопшто не ги познава, туку и тоа што речиси ниту една од овие птици не е навистина „европска“. Ако тоа би бил критериумот, тогаш тука би требало да се најдат, на пример, белоглавиот мршојадец или големиот тетреб – да наведеме само некои многу потипични птици за Стариот континент.

Што има на задната страна?
На задната страна од серијата со птици повторно се наоѓаат градби, но овојпат станува збор за институциите на Европската Унија, како што се Европскиот парламент, Европската комисија, Европската централна банка, Судот на Европската Унија, Европскиот совет заедно со Советот на Европската Унија, како и Европскиот суд на ревизори.
Без оглед на тоа што мислат граѓаните на Европа за палатите на Унијата, уште поголема слобода е оставена при прикажувањето на заднината на банкнотите со избраните Европејци – улични изведувачи за 5 евра, хорско пеење за 10 евра, училиште или универзитет за 20 евра, библиотека за 50 евра, музеј за 100 евра и јавен плоштад за 200 евра.

Стилски, приказите се движат од фотореализам до цртежи што би можел да ги направи некој талентиран наставник по ликовно образование во основно училиште.
Како и да е, ова е изборот на жири составено од 21 член, но процесот на одлучување сè уште трае.

Европската централна банка (ЕЦБ) сакаше да го слушне и мислењето на граѓаните на Европската Унија, а анкетата на веб-страницата на ЕЦБ траеше до вчера.
Конечниот изглед на новите банкноти би требало да биде одлучен до крајот на годината, а тука не станува збор само за изгледот: сегашните банкноти на еврото се релативно безбедни и тешко се фалсификуваат, но тие можат – и мора да бидат уште побезбедни.



























