Режисерот Дарко Митревски подготвува спин-оф на „Бал-кан-кан“ со Сашко Коцев: „Најдоброто нешто што сум го напишал во животот“

Макфакс

22/09/2026

17:40

285

Големина на фонт

а а а

Режисерот Дарко Митревски се враќа во македонската кинематографија со нов филм – спин-оф на култниот „Бал-кан-кан“. Филмот ќе коментира современото време преку приказна за двојка која добива светска слава преку социјалните мрежи, прикажувајќи реалност полна со цинизам и дигитални елементи.

По 14 години професионално отсуство од домашната кинематографија, режисерот Дарко Митревски се враќа на македонскиот филм со спин-оф на „Бал-кан-кан“. Но, наместо носталгично подгревање на култното дело од пред повеќе од две децении, тој најавува циничен коментар на времето во кое живееме – приказна што се потсмева на потрагата по лажен сјај и слава во ерата на социјалните мрежи.

„По мое скромно мислење, мислам дека тоа е најдоброто нешто што сум го напишал во животот“, рече Митревски на денешната средба со новинарите во Македонскиот народен театар.

Филмот засега нема конечен наслов, снимањето е планирано за следната година во Скопје, а екипата е во потрага по финансии и очекува буџетот да биде затворен во следните шест месеци. Главните улоги ќе ги играат Сашко Коцев, Јелена Јованова и Тони Михајловски. Музиката, како и во „Бал-кан-кан“, ќе ја работи Кирил Џајковски.

Говорејќи за идејата за филмот, Митревски откри дека со Коцев со години разговарале за можноста повторно да работат заедно.

„Она што ми недостасува во животот е да работам со пријатели, со луѓе што ги сакам“, раскажа тој.

Му испратил на Коцев пет страници од нова приказна, напишани спонтано. Потоа продолжил со пишување. Иако, како што вели, за едно филмско сценарио вообичаено се потребни околу шест месеци, овојпат целиот текст бил готов за четири недели.

Во процесот на пишување сфатил дека приказната природно припаѓа во светот на „Бал-кан-кан“. Така, новиот филм станал спин-оф – не продолжение, не приквел, туку сосема нова приказна со нови ликови, сместена во истиот филмски универзум.

Филм за луѓе кои од дното на општеството ќе стигнат до светска слава

Во центарот на приказната се двајца луѓе на работ на егзистенцијата, речиси невидливи за општеството околу нив. Се сакаат, но во реалниот живот никој не ги забележува.

Излезот го бараат во друга реалност – онаа на социјалните мрежи.

По игра на случајноста стануваат светски познати, а како што расте нивната слава, така почнува да се распаѓа нивниот вистински живот.

„Колку повеќе заглибуваат во славата, толку повеќе пропаѓаат во животот“, вели Митревски.

За него токму тоа е една од суштинските теми на филмот – паралелниот свет што современиот човек го изградил на „Тикток“, „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Месинџер“ и „Вајбер“.

„Ние не сме тука присутни да се допреме, да си кажеме нешто. Ние живееме на ‘Месинџер’, живееме на ‘Вајбер’, живееме во еден свет што е дигитален и се состои од нули и единици“, рече режисерот.

Приказната ја опишува како љубовна, еротска, црна комедија, со многу смеа и солзи. Но, иако хуморот ќе има значајно место, Митревски инсистира дека во својата суштина филмот не е комедија.

Кога ѝ го испратил сценариото на Јелена Јованова, ѝ порачал да не го чита како комедија.

„Смешно е, но во суштина не е комедија. Тоа е еден горчлив коментар за нашите животи во моментов“, вели Митревски.


Истиот универзум, ново време

Повеќе од две децении по „Бал-кан-кан“, Митревски повторно влегува во истиот филмски универзум, но од сосема поинаква позиција – како автор дваесетина години постар, со поинаков поглед кон земјата и времето во кое живее.

Митревски од периодот на „Бал-кан-кан“, како што самиот вели, имал други ставови, други размислувања и поинаква визија за татковината. Новата приказна е коментар за сето она што се случило во меѓувреме – и со земјата, и со луѓето, но и со самиот автор.

Коцев, пак, изјави дека филмот целосно комуницира со денешното време и дека од стариот филм останува само врската со универзумот во кој се одвива приказната.

Новото сценарио, како што рече, е создадено од она што го гледаме и живееме денес, од аномалиите на современиот свет и општеството.

Митревски сака тоа да биде видливо и во кастингот. Покрај професионални актери, во филмот планира да се појават и луѓе од јавниот и секојдневниот живот.

„Сакам да направам филм што ќе биде пресликување на денешна Македонија, онака како што јас ја гледам. Јас не живеам во неа, но така ја гледам“, рече тој.

На прашањето што од годините поминати надвор ќе внесе во новиот филм, одговори со само еден збор:

„Знаење.“

„Мислев дека знам многу. Знаев малку, имав талент“, рече Митревски.


Рече и дека гледа многу талентирани млади луѓе, но и автори кои, како што вели, се „загубени во просторот“ на сличен начин на кој некогаш бил и самиот. Не сака нивната приказна да биде иста. Советот што Митревски им го дава на младите автори  е да го следат неговиот пат. Туку да го надминат.

„Убијте ги своите идоли. Станете подобри од нив. Направете погледан филм. Освојте ги срцата на публиката. Натерајте ги да плачат, да се смеат, да уживаат и да ве сакаат“, им порача.

За Митревски, мерката за успех не се фестивалите и наградите, туку моментот кога филмот ќе влезе во колективната меморија и поп-културата.

Кога луѓето ќе ги знаат репликите, ќе ги повторуваат и ќе ги пренесуваат понатаму, дури и кога не знаат кој стои зад нив.

„Влезете во меморијата на овој народ. Станете дел од оваа култура“, им порача Митревски на младите автори. Зад таквиот став стои и искуството со неговите најгледани филмови: за „Бал-кан-кан“ биле продадени 150.000 кино-влезници и 20.000 ДВД-копии, додека „Трето полувреме“ во кината низ Македонија го гледале повеќе од 90.000 гледачи.

Како да не снимите здодевен филм

Токму за односот кон публиката и за тоа како се создава филм што ќе ѝ го задржи вниманието, Митревски ќе зборува и на фестивалот „Браќа Манаки“, каде ќе одржи мастер-клас насловен „Како да не снимите здодевен филм“.

А за новиот проект, уште пред да почне снимањето, има едно ветување:  „Овој филм може да биде сè, само нема да биде здодевен“.