Во Кисела Вода се одржува манифестацијата „Кино на отворено“, каде публиката може да ги погледне македонските филмски остварувања како „Таинствената шума“ и култниот „Пред дождот“, проследени со опуштена атмосфера и богата програма за сите возрасти.
Во прекрасна опуштена атмосфера, синоќа во паркот „Македонија“ се одржа првата вечер од манифестацијата „Кино на отворено“ во Кисела Вода. Присутните уживаа во програмата која ја отвори детскиот анимиран филм „Клинци Каубојци“, а продолжи со проекцијата на наградуваниот македонски филм „Приказната за Силјан“ во режија на Тамара Котевска и продукција на Јорданчо Петковски и Ана Хамши.
Општина Кисела Вода ги поканува граѓаните да бидат дел од филмското дружење и вечерва, на истата локација.
Вечерва на „Кино на отворено“
Вечерашната програма, која се одржува во близина на Домот на културата „Билјана Беличанец“, стартува во 19:00 часот со детскиот анимиран филм „Таинствената шума“, синхронизиран на македонски јазик. Веднаш потоа, од 20:25 часот, следува проекција на култниот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, македонско ремек-дело кое има освоено над 30 меѓународни награди, меѓу кои и „Златниот лав“ во Венеција, како и номинација за Оскар.
Настанот се реализира во соработка со Кинотека на Република Македонија и „Киноверзум“.








