Американскиот рапер Меклмор во изминатите неколку дена ја разбранува светската музичка сцена, откако во рамки на турнејата на Ед Ширан изразил искрена поддршка за палестинскиот народ.
Имено, Меклмор на почетокот на септември, за време на воведниот настап на концертот на Ед Ширан на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, упатил пораки за поддршка до палестинскиот народ. Меклмор настапил како предгрупа, а за време на настапот се осврнал на Палестинците, порачувајќи им дека сака да знаат оти не се заборавени.
Потоа ја извел песната „Hind’s Hall“ од 2024 година, која е инспирирана од пропалестинските протести во САД.
„Голем дел од причината поради која сакав да бидам дел од оваа турнеја е тоа што можам да застанам на стадиони како овој и да кажам два збора кои ми се многу блиски до срцето: Слободна Палестина. Сакам тие зборови да се слушнат јасно и гласно, за луѓето во Газа и окупираниот Западен Брег да знаат дека не сме ги заборавиле“, рекол тој во таа прилика.
Исто така, по овој потег, израелско-американскиот совет покрена петиција со која побарал од Ширан и неговиот менаџмент да го отстранат Меклмор од турнејата. Неколку дена подоцна, Меклмор беше отстранет од преостанатиот дел од американската турнеја на Ед Ширан. Тој требал да настапи на осум од преостанатите десет концерти во САД.
Говорејќи за овој потег, Ед Ширан изјавил дека тоа била одлука на промоторот, а не исклучиво негова одлука. Сепак, по одлуката во врска со Меклмор, сите предизведувачи кои требаше да настапат како поддршка на Ед Ширан на неговата турнеја се откажаа од настапите. Меѓу нив се Финеас, братот на пејачката Били Ајлиш, ирскиот кантавтор Арон Роу, данскиот бенд „Лукас Грем“ и ирскиот фолк-бенд „Беога“.
Меклмор ја посветил кариерата на теми што ги надминуваат рамките на музиката
Потегот на Меклмор за многу обожаватели не е изненадување, бидејќи голем дел од својата кариера го посветил на теми што ги надминуваат рамките на музиката. Овој рапер од Сиетл во текот на својата кариера зборувал за истополовите бракови, расизмот, привилегиите на белците, зависноста и американската политика, а во последниот период најмногу за народот во Газа.
Раперот уште во детството почнал да се интересира за хип-хоп, а својот прв албум „The Language of My World“ самостојно го објавил во 2005 година. Сепак, соработката со продуцентот Рајан Луис била клучна за пресвртот во неговата кариера.
Луис и Меклмор во 2012 година го објавиле албумот „The Heist“, а песните како „Thrift Shop“, „Can’t Hold Us“ и „Same Love“ ги претвориле во светски ѕвезди.
Песните „Thrift Shop“ и „Can’t Hold Us“ се искачија на врвот на листата Билборд Хот 100, додека песната „Same Love“ беше поврзана со кампањата за рамноправност на истополовите бракови во Вашингтон. На доделувањето на Греми наградите во 2014 година, Меклмор и Луис освоија четири награди. Подготвеноста на Меклмор отворено да зборува за политиката и за бројни општествени прашања не е ништо ново. Речиси од самиот почеток на кариерата, тој преку своите песни обработувал многу важни општествени теми и прашања.
Во таа насока, неговата песна „White Privilege II“ се занимава со неговата положба како бел рапер кој дејствува во рамки на музичка култура во која доминираат црните изведувачи, како и со неговиот однос кон движењето „Black Lives Matter“. Покрај тоа, тој отворено го изразувал своето противење на Доналд Трамп, а активизмот останал постојан дел од неговото јавно дејствување.
Меклмор уште од 2023 година изразува поддршка за палестинскиот народ, а на пропалестински собир во Вашингтон подоцна повикал на прекин на огнот. Во 2024 година ја објавил песната „Hind’s Hall“, со која им пружил поддршка на пропалестинските студентски протести на американските универзитети.
Песната го добила името по зграда на Универзитетот Колумбија, која била преименувана во чест на Хинд Раџаб, петгодишно палестинско девојче убиено во Газа. Тогаш раперот изјавил дека приходите од песната ќе бидат донирани на агенцијата на ОН, УНРВА.
За време на концертите и изведбите на песната „Hind’s Hall“, тој ја поттикнува публиката да скандира во знак на поддршка за Палестина. Меклмор со години остана доследен на своите јасни ставови и често истакнувал дека никакви притисоци и влијанија не можат да влијаат на она за што се залага.
Како јавна личност чии искрени постапки ја поделија публиката, но истовремено покажаа дека музичарите можат да имаат големо општествено влијание, Меклмор стана симбол на искреност и бестрашност.










