Трамп ги отфрла повиците за построга регулација на ВИ: Кој ќе победи во вештачката интелигенција, победува

Макфакс

14/09/2026

16:50

163

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрла повиците за построга регулација на вештачката интелигенција, оценувајќи дека оваа технологија треба да се контролира со силна политичка рака, додека критичарите повикуваат на забавување и глобален надзор поради растечки ризици.

Трамп ги отфрла повиците за построга регулација на ВИ

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги отфрли повиците за построга регулација на вештачката интелигенција, оценувајќи дека обидите за забавување на нејзиниот развој се дел од „болен заговор“ против ВИ.

Трамп го критикуваше и извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи, чиј неодамнешен есеј повторно ја отвори дебатата за безбедноста на вештачката интелигенција.

„Единствената контрола или ограничувања што ѝ се потребни на вештачката интелигенција е силен и паметен претседател, а САД го имаат“, напиша Трамп на Truth Social. Тој порача дека американската администрација веќе располага со големи казнени и регулаторни овластувања над компаниите и додаде дека «кој ќе победи во вештачката интелигенција, победува».

Амодеи, пак, повика на забавување на развојот на најнапредните модели и построг надзор. Во есејот „We Must Pace the Frontier“ тој предложи независно следење на моделите во текот на нивниот развој, регулација на целата индустрија и глобална регулатива.

Поддршка за дел од неговите предлози изразија и извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, и основачот на xAI, Илон Маск. Алтман оцени дека независните надзорни тела се „одлична идеја“.

Загриженоста за ризиците од ВИ расте со зголемувањето на способностите на новите модели, особено во областа на кибербезбедноста. Амодеи смета дека развојот на технологијата напредува „драстично побрзо“ и повика тој да продолжи со темпо што ќе овозможи истовремено да се обезбедат нејзината безбедност и придобивките што ги носи.