ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Венко Филипче е амнестиран преку корумпираното судство за трагедијата во модуларната болница во Тетово каде што живи изгореа 14 луѓе и повикува СДС да престане да политизира со трагедијата во Кочани.
Партијата која има претседател со име Венко Филипче кој е амнестиран преку корумпираното судство за тоа што живи изгореа 14 луѓе во модуларната болница во Тетово нема право да збори и политизира за Кочани, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
СДС, додаваат од таму, да престане да ја злоупотребува трагедијата во Кочани за дневно политички поени.
Политички поени
„СДС да престане со двојните стандарди. Венко Филипче нема кредибилитет, додека Филипче и неговите блиски во СДС гледаа како да поделат поголем процент и провизии, живи луѓе гореа во Тетово.
Венко Филипче и СДС дебело профитираа од Ковид кризата додека граѓани умираа, за сега да се луксузираат со украдените пари од народот во Дубаи и на луксузните јахти со Заев на Егејот“.
Правда и одговорност
Според ВМРО-ДПМНЕ, судиите и обвинителите избрани, како што велат, во Зајас и Струмица го амнестираа Венко Филипче за модуларната болница во Тетово.
„Кој ќе одговара за 14 жртви во модуларната болница? Одговорност мора да има. Време е во Македонија да владеат правото и правдата“.








