Јужна Кореја истражува кој ќе го наследи Ким Џонг Ун: Ќерката веќе се гледа како идна лидерка, но се споменува и таен син

Точка

10/09/2026

16:00

248

Големина на фонт

а а а

Јужнокорејската Национална разузнавачка служба денес соопшти дека се обидува да утврди дали севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун има постар син, иако проценува дека на чело на државата ќе го наследи неговата ќерка.

Службата и натаму се обидува да ја потврди оваа информација и покрај неодамнешните медиумски извештаи дека лидерот на Северна Кореја, кој во 2011 година го наследи својот татко Ким Џонг Ил, нема син со сопругата Ри Сол Џу, како и дека, дури иако има син, тој не е во позиција да стане негов наследник.


Следниот лидер, односно лидерка, најверојатно ќе биде ќерката на Ким, која наводно се вика Ким Џу Ае и има околу 13 години.

Агенцијата наведе дека Ким Џонг Ун има и помладо дете, чиј пол не е познат.

Ким Џу Ае го придружува Ким Џонг Ун на државни настани од 2022 година, вклучително и на лансирања ракети и големи воени паради.


Државните медиуми ја опишуваат како „најомиленото“ или „најпочитуваното“ дете на нејзиниот татко и објавуваа снимки и фотографии што сведочат за нивната блискост и за нејзиниот политички углед.

Еден пратеник во јужнокорејскиот парламент во 2023 година изјави дека Националната разузнавачка служба го информирала собранискиот одбор дека Ким Џу Ае има постар брат, по што службата појасни дека сè уште се обидува да ги потврди тие информации.


Прашањето дали таа има постар брат е клучно во дискусиите надвор од земјата за потенцијалните планови за наследување на власта во Северна Кореја, поради длабоко вкоренетиот патријархален систем и власта во која доминираат мажи.

Од основањето на Северна Кореја во 1948 година, сите тројца нејзини лидери биле мажи од семејството Ким, пренесува Бета.